Хозе заминал на службен пат во САД, но откако не успеал да контактира со него, директорот на фирмата во Норвешка во која работи тој ја предупредил полицијата, која соопшти дека уште следниот ден почнала „прелиминарна истрага за информациите што излегле на виделина“. Истовремено, индиската полиција го надгледува домот на неговите родители во Индија. Тие и неговиот брат близнак, кој живее во Англија, рекле дека безуспешно се обидуваат да контактираат со него
Претприемачот со индиско потекло што една деценија живее во Норвешка, Ринсон Хозе, во моментов е најбараниот човек во светот. Тој е основач на бугарската фирма „Норта глобал“, преку која наводно биле продадени пејџерите на Хезболах, кои минатата недела експлодираа во Либан и однесоа десетици животи.
Додека сè уште се размрсува заплетканата шема околу производителот на пејџерите, интересен е податокот дека исчезнал Ринсон токму на денот кога експлодираа тие.
Амунд Џуве, извршен директор на норвешкиот медиумски конгломерат „NHST Media Group“, каде што моментално работи Хозе, изјавил дека е информиран и дека ги предупредил полицијата и безбедносните служби. Тој рече дека Хозе патувал во САД.
– Ние ги сфаќаме овие работи многу сериозно – посочил Џуве.
Според него, во вторникот, кога се случи експлозијата со пејџерите, Хозе требало да замине на претходно планирано службено патување. Рекол и дека, откако не успеал да стапи во контакт со него во средата вечерта, ја информирал норвешката разузнавачка служба. Ден потоа, полицијата во Осло соопшти дека почнала „прелиминарна истрага за информациите што излегле на виделина“, а норвешката домашна разузнавачка агенција, ПСТ, објави дека е запознаена со ситуацијата, но одби да коментира.
Откако се појавија таквите информации, полицијата во Вајанад, област во државата Керала во североисточниот дел на Индија, каде што живеат родителите на Хозе, го засилила надзорот околу нивниот дом, изјави за „Индијан експрес“ офицер на државниот специјален огранок, односно на разузнавачкото крило.
– Нема закана за нив, но од петокот има надзор околу областа. Досега не наидовме на ништо сомнително за семејството или за него. Браќата близнаци Ринсон и Џинсон и нивната сестра работат во странство, во последните неколку години. Но, не се гледа никаков знак за богатство кај семејството во Керала. Во последните десет години, браќата купија само мало парче земја овде – рекол тој.
Семејството на Ринсон изјавило дека нема никаква комуникација со него во последните неколку дена.
– Двајцата браќа студираа за свештеници во Бенгалуру, неколку години. Откако ги прекинаа семинарските студии, се приклучија на курс за менаџмент и стекнаа МБА од Бенгалуру. Двајцата се вредни. Во првите години по пристигнувањето во Норвешка, тие имаа неколку различни бизниси пред да се вклучат во фирма. Минатата година, Џинсон се пресели во Велика Британија, каде што најде подобра работа – изјавил нивниот вујко, Фачачан, за „Индијан експрес“.
Тој додал дека Ринсон дошол дома во ноември минатата година, заедно со својата сопруга, медицинска сестра.
– Пред четири дена, тој, како и обично, му се јави на татко си, кој е изнемоштен. Не спомена никаква неволја. Тој, нормално, споделува сè со своето семејство. Откако се појави веста, се обидовме да контактираме со него, но тој не реагира. Ниту неговиот брат не успеа да стапи во контакт со него. Чекаме да се слушнеме – рече тој.
Како што пренесува „Индијан тајмс“, од агенцијата „Ројтерс“ успеале да контактираат со Ринсон по телефон, но тој одбил да зборува за пејџерите и ја прекинал врската кога го прашале за бизнисот во Бугарија.
Неговите соседи во мирното предградие на Осло, како што објави „Ројтерс“, рекле дека не знаат многу за него. Но, еден од неговите пријатели изјави за норвешкиот сајт ВГ дека е шокиран од вестите за негова поврзаност со експлозиите во Либан.
– Со години ја чуваше својата коса за да им ја донира на болните од рак. За мене, тој е човек со големо срце – изјавил пријателот.
Триесет и шестгодишниот Ринсон Хозе е син на фармерот и кројач Мутедат и на Грејси, кои живеат во Манантавади, во областа Вајанад во Индија. Тој и неговиот брат близнак, Џинсон, заминале заедно за Норвешка пред повеќе од 10 години. Ринсон магистрирал таму на Универзитетот во Осло, а од пред неколку години има норвешко државјанство.
Според „Ројтерс“, пејџерите биле произведени од унгарската компанија „BAC Consulting“, со заштитен знак на тајванската фирма „Gold Apollo“, a наводно биле купени преку „Norta Global“ на Ринсон Хозе, фирма основана во април 2022 година, со дејност консултантски услуги од областа на технологијата. Нејзината веб-страница е избришана минатиот вторник, веднаш по експлозиите.
Засега нема докази што укажуваат на тоа дека Хозе намерно му помогнал на Израел да ги искористи пејџерите за напад врз членовите на Хезболах или дека знаел за израелската операција.