„Тој е Марадона, Меси и Роналдо меѓу голманите“

71

Легендарниот шпански голам, Сантијаго Канизарес, имаше многу добра кариера, а најдобрите денови ги помина во Валенсија со која двапати играше во финалето на Лигата на шампионите, но на крајот не успеа да го освои драгоцениот трофеј.

Канизарес израсна во Реал (М), за кој бранеше и во првиот тим, но летото 1998 година реши да замине во Валенсија кога веќе не беше прв голман и го направи вистинскиот потег.

Десет години бранеше за „лилјаците“ и остави неизбришлива трага на „Местаља“, а реши да се повлече во летото 2008 година.

Пред неколку дена Канизарес беше запрашан кој за него е најдобриот голман на светот во моментов, а тој како од пушка изјави дека тоа е Тибо Куртоа, како што и претходно кажа и дека сигурно нема да го смени мислењето.

„Тибо Куртоа е Диего Марадона, Лионел Меси и Кристијано Роналдо меѓу голманите. Толку е добар што сме навикнати да брани одлично на секој меч, што е навистина нереално“, изјави Канизарес и додаде.

„За мене тој е без сомнение најдобриот голман што сум го видел и стојам зад моите зборови“.

Поради тешката повреда Куртоа ја пропушти речиси цела минатата сезона и многумина беа загрижени дали некогаш повторно ќе ја достигне старата форма, а тој експресно ги демантираше.

Иако Лунин брилијантно го замени Куртоа кога се повреди, Белгиецот на крајот јасно покажа кој е прв голман на Реал (М) и дека ова место е безбедно за него се додека сака да биде дел од „Кралевите“.