Германскиот министер за економија Роберт Хабек рече дека сака да и помогне на индустријата полесно да се справи со трошоците за електрична енергија и да ја ослободи од високите трошоци за мрежните такси, но призна дека не знае како тоа може да се направи.
„Се борам индустријата да ја добие потребната помош за инвестиции“, рече Хабек, споменувајќи ја можноста за милијарди евра државни субвенции.
Субвенциите за трошоците на мрежата би биле разумна мерка, но прашање е од каде ќе дојдат парите, додаде министерот за економија, посочувајќи дека во моментов нема соодветен „финансиски капацитет“.
Германската индустрија се жали на високите трошоци за енергија, што според нив ја става во неповолна положба во однос на европската и светската конкуренција.
„Очајно ни треба помош со мрежните трошоци, инаку нашата конкурентност во Германија ќе продолжи да слабее“, рече главниот извршен директор на производителот на челик Georgsmarienhütte Holding, Александар Бекер.
Групата има три челичарници со погон на електрична енергија.
Министерот за економија истакна дека Владата за оваа година планирала 5,5 милијарди евра субвенции за покривање на дел од трошоците за надоместоци за мрежата. Парите требаше да бидат пренасочени од Фондот за економска стабилизација, но планот пропадна поради пресудата на Уставниот суд, кој ја прогласи за неуставна прераспределбата на парите за закрепнување од пандемијата.
Хабек повторно сугерираше дека трошоците за проширување на мрежата треба да се „прошират“ на подолг период, велејќи дека без механизам за „амортизација“, тие ќе предизвикаат финансиски проблеми за компаниите и граѓаните.
Германија ја проширува електричната мрежа со забрзано темпо, што резултираше со повисоки трошоци, како што се надоместоците за мрежата. Дополнителни финансиски оптоварувања се мерки кои треба да го спречат преоптоварувањето и застојот и бараат да се издвојат милијарди евра, забележува агенцијата ДПА.