Еди Рама планира создавање нова муслиманска држава во земјата, по моделот на Ватикан

311
Фото: Top Channel Albania youtube

„Њујорк тајмс“ во својата статија објави дека албанскиот премиер Еди Рама ќе ги објави плановите за суверена микродржава во неговиот главен град Тирана, која ќе ги следи практиките на Бекташискиот ред, шиитскиот суфиски ред основан во Турција во 13 век.

Ако се оди според планот, таканаречената „Суверена држава на бекташискиот ред“ ќе стане најмалата земја во светот, само една четвртина од големината на Ватикан. Земјиштето од 10 хектари ќе има своја администрација, пасош и граници, пишува Њујорк Тајмс.

Новата држава ќе дозволи алкохол, ќе им дозволи на жените да носат што сакаат и нема да наметнуваат правила за начинот на живот, како одраз на толерантните практики на Бекташискиот ред.

Рама вели дека целта на новата држава е да промовира толерантна верзија на исламот со која се гордее Албанија.

„Треба да се грижиме за ова богатство, кое е верска толеранција и кое никогаш не треба да го земаме здраво за готово“, изјави тој за Њујорк Тајмс.

Историјата на Бекташите датира од Отоманската империја во 13 век, но пред речиси еден век седиштето на Редот се пресели во Тирана откако Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Турската Република, му забрани влез во Турција.

Бекташкиот ред има долга мистична традиција во Албанија. Тие биле поддржани од јаничари, елитни војници на Отоманската империја, главно регрутирани од христијанските области на Балканот.

Суфиската вера не ги принудува приврзаниците да ги почитуваат основите на традиционалниот ислам, пренесува Кликс.

Сепак, толеранцијата не доведе до заштита од прогон. Стотици години, верниците се нашле под притисок – без разлика дали нивните господари биле христијани, муслимани или атеисти – што ги терало во соседните земји како Косово и Македонија од освојувањето на Балканот од страна на Отоманската империја во 14 и 15 век.

Бекташите се посветени на мудреците, познати како дервиши. Дервиш Баба Монди е актуелен духовен водач на редот. Неговите следбеници го знаат по неговата официјална титула, Неговата Светост Хаџи Деде Баба.

Баба Монди треба да биде водач на суверената држава на редот Бекташи. Тој вели дека одлуките ќе се носат со „љубов и добрина“. Во интервју за Euronews во 2018 година, тој рече дека „да се биде бекташи значи да се биде човек. Ја изградивме нашата заедница врз основа на принципите на мир, љубов и меѓусебно почитување“.

Тим експерти работи на легислатива што го дефинира суверениот статус на новата држава во Албанија. Ќе мора да го поддржи и владејачката Социјалистичка партија на Рама.

Баба Монди изрази надеж дека САД и другите западни сили ќе го признаат суверенитетот на неговата земја. „Ние заслужуваме држава. Ние сме единствените во светот кои ја зборуваме вистината за исламот и не ја мешаме со политика“, изјави Баба Монди за Њујорк Тајмс.