Меџити: Законот за бранители е заглавен и очекуваме дека таму и ќе остане

17

Законот за бранители е заглавен во комисија која се води од Илире Даути и очекуваме дека таму и ќе остане, изјави првиот вицепремиер Изет Меџити во интервју за Радио Слободна Европа како одговор на прашањето дали од коалицијата ВРЕДИ разговарале по ова прашање со премиерот Христијан Мицкоски. Меџити вели дека не е добро за процесите и за државата и не е во приоритетите да се донесе таков закон. Според него, политиката на СДСМ и ДУИ оди во функција на дестабилизација на државата. Тој не дава конкретен одговор дали условот за поддршка е паралелно да се донесе и закон за привилегии на припадниците на ОНА, туку вели дека целата работа е смислена од претходната власт.

– Дилемата и прашањето е зошто СДСМ кој до вчера се бореше со граѓански концепт, кој направи резултат и со албански гласови, има видни членови Албанци и во нивните структури, зошто не направи ништо за ова додека беше на власт последните осум години? И зошто баш сега имаат предлог за бранителите? Ова мислам дека е дневна политика и оди во функција на дестабилизација на процесите и на државата. Значи, синхронизирани се со ДУИ, само за да не одговараат – тврди Меџити.

Тој во интервјуто посочува и дека „во вторник ќе се укинат дел од онлајн казината“.

– На наредната седница се очекува да се укинат онлајн казината, дадени на незаконски начин со што ќе ги повлечеме казината од нашите деца од нашите домови, вели Меџити за РСЕ.

По изјавата на Меџити дека Законот за бранители ќе остане заглавен во Собрнаието, пратеничката од редовите на СДСМ Славјанка Петровска побара премиерот Христијан Мицкоски да одговори дали ставот на Меџити е и став на владината коалиција.

-Со оглед на тоа дека Премиерот Мицкоски изјави дека стои зад бранителите, очекувам со политичкиот кпацитет и авторитет кој го има како некој кој на последните избори освои 500.000 гласови да овозожи Законот да биде донесен. Ова прашање не смее да биде предмет на префрлање одговорност, туку носење политички одлуки. Премиерот Мицковски да одговори дали овој став на Меџити е и став на владината коалиција, рече Петровска во изјава за ТВ 21.

Законот за бранители останува во застој, откако претседателот на Собранието, Африм Гаши, не ја свика седницата за расправа по блокадата од страна на Илире Даути. Од Вреди истакнуваат дека законот нема да помине без вметнување на припадниците на ОНА, додека ВМРО-ДПМНЕ смета дека законот се користи за политички цели.

Законот, предложен од Славјанка Петровска од СДСМ, има за цел да ги зголеми финансиските средства за поранешните припадници на безбедносните сили и нивните семејства. Лидерот на оваа партија, Венко Филипче пред десетина дена изјави дека законот за бранители излегува во пресрет на потребите на преживеаните бранители, на тие со инвалидитет и на семејствата кои што имаат загинати бранители и дека нема етничка димензија. На прашање во врска со реакциите на албанскиот политички блок дека Законот не задоволува и потреби на граѓаните Албанци, Филипче посочи дека пратеничката група на СДСМ и коалицијата е подготвена да разговара за сите аспекти, ако има потреба да се отвори и дебата на комисиската расправа со цел да се расчистат сите дилеми и доколку има потреба да се преземат дополнителни чекори за потребите на граѓаните.