Над 50 олдтајмери од Западна Европа и регионот следната година, кон крајот на септември и почетокот на октомври, ќе бидат дел од меѓународно рели од премиум ранг, кое ќе се вози низ државава. Учесниците ќе имаат можност да дегустираат македонски вина, да вкусат традиционална македонска храна, а притоа да посетат и неколку културно-историски знаменитости.

Од промоторската куќа „Бахус класик“ од Скопје, која е организатор на настанот, посочуваат дека со ова земјата ќе се позиционира на мапата на светски настани од овој ранг и дека воедно ќе се промовираат и нејзините убавини.

– Важно ни е да го востановиме настанот и да влеземе на листата на светски настани од овој ранг, да отвориме ново поднебје за вакво рели, затоа што вакво рели од Австрија до Атина нема. Некои од возилата што би требало да дојдат, не се видени воопшто досега ниту во Македонија ниту во регионот – вели еден од организаторите, Игор Стефановски.

Се очекуваат околу 120 учесници и 60 возила, од кои 50-ина олдтајмери би биле од Западна Европа, поточно од Германија, Австрија, Луксембург, Италија… а десетина од државите од регионот.

Подготовките веќе се во тек, а идејата на Стефановски и на Благоја Петровски, кои го водат целиот проект, е да се направи настан од премиум квалитет, а притоа да се прикаже сето она што е специфично за државата, почнувајќи од виното и храната до историските знаменитости.

– Сакаме да направиме седумдневно рели со историски возила со премиум организација. Се вози Повардарјето, се дегустираат познатите македонски вина, а ќе се посетат и Хераклеја, Охрид и Бигорскиот манастир. Сакаме да понудиме едно поинакво искуство и како територија и како култура. Задача на учесниците е само да уживаат – вели Стефановски.

Релито е впишано во календарот на Светската федерација за историски возила (ФИВА), а премиерно беше промовирано на јубилејното 20. издание на еден од најпрестижните настани за олдтајмери во Европа „Classic Gala Schwetzingen 2024“, кое се одржа во барокниот дворец во германскиот град Швензинген. На настанот учествуваа околу 180 специјално избрани олдтајмери од целиот свет, кои беа оценети од 20-члено стручно жири од шест држави.

Земјава беше претставена од „Бахус класик“ со возилото „Fiat Abarth 1000TC Gr.5 Replica“, кое предизвика интерес кај посетителите, кои имаа можност да дегустираат македонски вина од познати винарници.

– Ние бевме единствените што воопшто настапиле како македонски промотори во оваа област. Закупивме штанд и бевме официјален партнер на манифестацијата. Релито што ќе се одржува кај нас го презентиравме на овој голем настан, а посетителите имаа можност да ги пробаат и нашите македонски вина – вели Стефановски.

Организаторите најавуваат настан од светски ранг, на кој централното место, како што кажува и самото име, ќе го има виното, преку кое на светот ќе му биде претставена државата во најубаво можно светло.