Над 220 камери се поставени во Кавадарци, во рамките на проектот „Safe city“ или „Безбеден град“, кој започна да се реализира во 2019 година, со општински средства, за што досега се вложени 13 милиони денари.

– Преку проектот „Безбеден град“, ќе спасиме многу човечки животи – истакна премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Кавадарци, каде што беше заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и со директорот на Бирото за јавна безбедност.

Како што најави премиерот, системот „Безбеден град“, кој е инвестиција на Општината, периодот треба да биде интегриран на оној поголем систем што планира МВР да го реализира.

– Тоа е многу важно, степенот на криминалитет е драматично намален, тоа е нашата цел – да спасиме што е можно повеќе човечки животи, еден загубен човечки живот е трајна загуба за семејството и за државата и затоа сме решени, како Влада преку МВР, да го истуркаме овој проект до крај, да се реализира на целата територија на Македонија. Можеби, нема да биде веднаш офанзивно тоа, ќе има своевидна кампања, ќе има тест-период да се уверат граѓаните дека мора да се почитуваат законите и да бидат дисциплинирани во сообраќајот и насекаде ако сакаме да спасиме што е можно повеќе човечки животи, бидејќи еден загубен е непроценлива загуба – нагласи Мицкоски.

Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, појасни дека поставувањето на овие камери првично има цел да се заштити урбаната опрема од несовесни лица.

– Целта беше постигната. Тие камери сега се префрлени во ОВР Кавадарци. На почеток, превентивно ќе се дејствува за зголемување на безбедноста, да се видат сите критични или црни точки, да се дејствува врз намалувањето на криминалитетот, да биде на најниско можно ниво, да бидат разоткриени и сторителите на криминални дела. Со поставувањето на камерите, криминалитетот е во драстично опаѓање, околу 40 проценти се намалени кривичните дека. Со помош на камерите, се расчистени повеќе од 30 проценти од кривичните дела. Доста намалени се и прекршоците – истакна Јанчев.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, подвлече дека со овој систем ќе се подигне квалитетот на работењето на Министерството.

– Факт е дека е намален криминалитетот откако се пуштени камерите во употреба. Со нашата посветеност и функционалност во рамките на системот во Министерството, ќе ја подобриме и така веќе подобрената фактичка состојба. Ќе сториме сè што е во наша можност максимално брзо и ефикасно да ги ставиме во функција овие технолошки системи што ги нуди 21 век, со цел побезбедно општество – потенцираше Тошковски.

Тој сподели дека во земјава годишно се губат и до 140 човечки животи и истакна дека мора да се намали тој број.

– Со овој проект се покажува борбата за безбедност на македонските граѓани – заклучи Тошковски.