Сиљановска-Давкова до дијаспората во Њу Џерси: Вие сте нашите најдобри амбасадори!

17

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на престојот во Соединетите Американски Држави, по повод учеството на 79. Генерално собрание на Обединетите нации, го посети Њу Џерси. Во Тотова, претседателката Сиљановска- Давкова ја посети црквата „Свети Никола“, каде што присуствуваше на литургијата по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица и оствари средба со претставниците на македонската дијаспора во Њу Џерси. На средбата, таа најави дека наскоро ќе иницира формирање совет за соработка со дијаспората.

– Неслучајно сум тука денеска, меѓу вас. Мислам дека вие сте нашите најдобри амбасадори. Вие во најубава светлина ја претставувате татковината, без оглед на верата. Затоа мислам дека е многу важно да имаме постојани контакти. Еден од органите што јас набрзо ќе ги формирам со мојот тим е совет за соработка со дијаспората – рече претседателката Сиљановска-Давкова.

Таа истакна дека дијаспората заслужува да учествува и во изборниот процес, како и во креирањето на најважните одлуки и закони.

– Мислам дека ова ќе биде првиот чекор за континуирана комуникација со дијаспората, советите се добредојдени, помошта и разбирањето се добредојдени, ама и ние дома не смееме да заборавиме дека нашата дома е и ваша дома – рече претседателката Сиљановска-Давкова.

Во Фрихолд, претседателката ја посети џамијата во рамките на заедницата „Дебар“, каде што оствари средба со оџата Омер Кадри и со претставниците на дијаспората по потекло од дебарскиот крај.

На средбата со иселениците, претседателката Сиљановска- Давкова беше запознаена со нивните активности и со начините на организирање и интегрирање во рамките на американското општество. Таа ги реафирмираше своите заложби и посветеност за продлабочување на врските со иселениците, искористување на потенцијалите и за јакнење на нивната улога во развојот и просперитетот на земјата.

Според најавите, македонската претседателка треба денеска да се обрати на Самитот на иднината, на тема „Мултилатерални решенија за подобро утре“, со учество на шефови на држави и на влади. Според агендата, предвидено е Сиљановска- Давкова в четврток да се обрати на генералната дебата на 79. сесија на Генералното собрание на ОН, што се одржува на тема „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашните и за идните генерации“. Претседателката ќе учествува и на годишниот состанок на Платформата на жени – лидери на Генералното собрание на Обединетите нации, на тема „Еднакво учество на жените во процесот на донесување одлуки: обезбедување мир, социоекономски можности, одржлив развој и човечко достоинство за сегашните и за идните генерации“, додека на покана на претседателот на САД, Џо Бајден, ќе присуствува на состанок на тема „Глобална коалиција за справување со заканата од синтетички дроги“.

Во македонската делегација се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити. И Муцунски и Меџити ќе имаат свои обраќања во Неделата на Обединетите нации, а нашите претставници ќе одржат и заеднички и одвоени билатерални средби со лидери од други земји.