Состојбата во енергетскиот сектор во Република Македонија е во хаос. Не само што нема координација во државните органи и институции за затворањето на термоелектраните на јаглен туку нема воопшто во целиот енергетски сектор. Познато е дека увезуваме електрична енергија и тоа околу 30 % за да ги задоволиме своите потреби, а ако се затворат термоелектраните на јаглен, ќе треба многу поголем увоз, смета д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машинскиот факултет – Скопје.

Тој потсетува дека во зимската сезона во 2022 година била увезена електрична енергија и дека државата потрошила неколку стотини милиони евра. Покрај високата цена, според Цицонков, причина била и лошата состојба на термоелектраната РЕК „Битола“, која работела со многу редуциран капацитет.

– Треба да се нагласи дека нашите термоелектрани на јаглен се стари, градени од 1980 до 1988 година и дека се подложни на чести дефекти. Друго, нашите резерви на јаглен се прикрај и со низок квалитет и мора да се увезува јаглен однадвор. Така, чинењето на произведената електрична енергија во РЕК „Битола“ е релативно висока, понекогаш и над берзанската цена – вели Цицонков.

На климатскиот самит КОП 28 во Дубаи, во 2023 година, Република Македонија (РМ) ја претстави инвестициската платформа за правична енергетска транзиција со план проценет на 3 милијарди евра за затворање на електраните на јаглен и префрлање на обновливи извори на енергија. Во платформата има план со кој се предвидува затворање на двете електрани на јаглен во РМ (РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“) и нивна замена со 1,7 гигавати обновлива енергија до 2030 година.

– Од аспект на заштита на животната средина, јас сум за затворање на термоелектраните на јаглен во РМ. Но, државата нема алтернатива за стабилно производство во блиска иднина и ќе треба да троши големи финансиски средства за увоз на електрична енергија во периодите кога нема сонце (и ветер). Во последниве три години се изградија и се градат интензивно фотонапонски централи за производство на електрична енергија и тоа најмногу поради високите цени на ел. енергија на отворениот пазар, но има и други причини. Сето тоа е позитивно, но електричната енергија добиена од сонце е моментална и ја нема во периодите кога нема сонце. Во таквите случаи, потребно е стабилно производство за да ги задоволи потребите во тие периоди, а најчесто се случува тоа во текот на грејната сезона (во зима). Ако се затворат термоелектраните на јаглен, како базна енергија останува само онаа произведена во хидроелектраните, но таа не е доволна и не е константна, бидејќи зависи од хидролошките услови. Затоа треба да се впрегнат сите сили за РЕК „Битола“ да издржи со работа додека не се изградат соодветни стабилни алтернативи – потенцира Цицонков.

Затоа, според него, врвен приоритет треба да биде обезбедувањето производство на базна електрична енергија.

– Веднаш да се почне со изградба на хидроцентралата Чебрен и тоа со најмалку 51 % сопственост на државата РМ, како и со изградба на една когенеративана гасна постројка во Скопје, од над 200 МW електрична енергија и на две помали (30 до 40 МW) во градови како, на пример,Битола, Тетово или други, кои, исто така, да бидат во сопственост на државата од најмалку 51 %. Секојдневното одложување на овие градби веќе го плаќаме со илјадници евра – нагласува професорот.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, на конференција за енергетската безбедност на Централна и на Источна Европа во Вашингтон, која се одржа на 11. овој месец, потенцираше дека Македонија има поставено цел: да се откаже од употребата на јаглен за енергетски потреби до 2050 година и дека во тој период на транзиција е потребна силна финансиска и техничка поддршка.

И со последната Стратегија за развој на енергетиката во Република Македонија до 2040 година, која е објавена во 2020 годин,а се нотирани три сценарија: 1) Референтно, 2) Со умерена транзиција и 3) Зелено сценарио. И во второто и во третото сценарио е предвидено да се затворат сите термоелектрани на фосилни горива: ТЕЦ „Осломеј“ (100 МW) во 2019 година, ТЕЦ „Неготино“ (200 МW) во 2020 година и РЕК „Битола“ (сите три блока 660 МW) во 2025 година.

Во најновиот документ на Владата со наслов „Инвестициски план за забрзана транзиција од јаглен на РМ“ (од декември 2023) дадени се насоки за забрзано исфрлање на јагленот од енергетскиот сектор, а се заснова на документот „Национално утврдени придонеси“ (НУП). НУП е документ што секоја земја задолжително го подготвува и им го предава на Обединетите нации, а во врска со Парискиот договор за климатски промени од 2015 година.

Во својот НУП, РМ има поставено цел намалување на емисиите од стакленички гасови за 82 % до 2030 година, во споредба со нивоата од 1990 година. Клучна активност за да се постигне ова е постепено затворање на ТЕЦ „Осломеј“ и на РЕК „Битола“ до 2030 година. Тука има и други импликации како, на пример, дека околу 5.000 луѓе би останале без работа и др.

Со текот на времето, државата потпишува разни договори/обврски со некои меѓународни заедници за намалување на некои емисии, кои тешко ќе може да се реализираат. На пример, редукцијата на гасот ЅО2 од термоелектраните на јаглен ќе може да се направи со многу големи вложувања или термоелектраните да престанат да работат.

Во Пелагонија ќе се продолжи со експлоатацијата на јаглен

Во Пелагонија ќе се продолжи со експлоатацијата на јаглен, на локалитетот Брод-Гнеотино, за што е изработена студија за оправданост, изработен е главен рударски проект за отворање и експлоатација на јаглен од рудникот „Живојно“, а има активности и за детални геолошки истражни работи на наоѓалиштата за јаглен Дедебалци кај Новаци и Гуштерица – Осломеј, но и во Мариово.

Дел од изборната програма на владејачката партија се продолжување на животниот век на термоелектричните централи во РЕК „Битола“, преку отворање на новите рудници „Живојно“ и „Мариово“, двата со можност за површинска експлоатација од околу два милиона тони јаглен годишно, со цел да продолжи експлоатацискиот век на РЕК „Битола“.

Во АД ЕСМ, во изјава за МИА, велат дека се свесни оти транзицијата е скапа, но ако доцни, ќе биде уште поскапа. Примерите за енергетска транзиција врзани за ТЕЦ „Осломеј“ каде што е изградена фотонапонска електрана, желбата за зелена енергија и декарбонизација, како и повременото садење дрвца и понатаму се недоволен придонес во заштитата на животната средина.

Во мисијата на АД ЕСМ е нагласена определбата за сведување на минимум на штетните влијанија од производствените капацитети врз животната средина, но мерките и напорите, барем според извештајот на „Бенквоч“, не даваат резултати.

– Вршиме редовен мониторниг на сопствените капацитети и на нивното влијание врз животната средина. Континуирано ги следиме количините штетни гасови и честички што се емитираат во воздухот од термоелектричните централи и транспарентно ги објавуваме – пишува на веб-страницата на АД ЕСМ.

Во меѓувреме, во земјава и во државите од регионот продолжува користењето на старите електрани на јаглен, затоа што никој не предвидел санкции врз компаниите. Впрочем, и во извештајот на „Бенквоч“ се нагласува дека Секретаријатот на Енергетската заедница поднел неколку случаи за прекршување на одредбите од договорот, но засега ниту една од постројките на јаглен не е санкционирана, ниту постојат јасни ажурирани и реални планови за нивно затворање или усогласување со еколошките стандарди.

Тони Петрушевски е нов директор на РЕК „Битола“

Управниот одбор на АД ЕСМ именуваше нови директори во делот од термоенергетските производствени капацитети во рамките на компанијата. За директор на подружницата РЕК „Битола“ е назначен Тони Петрушевски, дипломиран машински инженер, со претходно работно искуство во приватниот сектор. Досегашниот в.д. директор, Иле Костадиновски, е назначен за помошник-директор за правни, кадровски и општи работи во РЕК „Битола“. За директор на РЕК „Осломеј“ е назначен Сашо Вренцоски, дипломиран економист и истакнат стручен кадар со долгогодишно работно искуство во комбинатот.

На директорска позиција во „Осломеј“ е именуван и Агим Садику, дипломиран економист со работно искуство во Управата за јавни приходи. Бобан Максимовски, со завршени академски студии од областа на менаџмент, ќе биде управител на друштвото за производство на топлинска енергија ЕСМ производство на топлина.

(С.Бл.)