Невработеноста се топи, но во Македонија веќе нема ни работници. Според последните статистички податоци, во државата има 100 илјади невработени, но никој не се јавува на огласите за работа. Работодавците и синдикатите апелираат дека треба да се прочисти списокот со невработени на Агенцијата за вработување и да се види точно колкав е бројот на невработени. Тие сметаат дека стапката на невработеност е нереална и треба да се види колку од граѓаните се иселени или работат на црно.

И покрај тоа што имаме 100 илјади невработени, ние мораме да увезуваме работници од Непал, Пакистан, Турција…

– Потребно е да се прочисти списокот на невработени на Агенцијата за вработување и да се види точно колкав е бројот на невработени. Околу 100 илјади лица се водат како невработени, а на огласите за вработување не се јавува никој. Агенцијата треба да види каде се тие невработени и зошто не се јавуваат на огласите за вработување, доквалификација, преквалификација и на огласите за јавна работа. Сигурно дека голем процент од овие невработени работат на црно или не се во државата, а се водат како пасивни баратели на работа – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.

Според него, мора да се види каде се тие невработени, бидејќи, и покрај тоа што имаме 100 илјади, ние мораме да увезуваме работници од Непал, Пакистан, Турција…

– Бројот од 12,5 отсто невработени е мал број во однос на претходните. Но, ако се земе предвид статистиката на развиените земји, каде што стапката на невработеност е меѓу 3 и 4 отсто, тоа покажува дека стапката на невработеност кај нас е нереална и сè уште висока во однос на овие земји. Не може да имаме стапка на невработеност од 12,5 отсто, а никој да не се јавува на огласите за работа – додава Димитров.

Од Сојузот на синдикати на Македонија сметаат дека стапката на невработеност не е реална, бидејќи голем дел од граѓаните работат на црно и земаат социјална помош. Тие не сакаат да бидат пријавени за да не им прекине социјалната помош.

– Агенцијата за вработување треба да има податок по кој основ е намалена невработеноста, односно дали тие невработени се вработиле, се иселиле или работат на црно. Така, на пример, ако имало 100 илјади невработени, а 80 се вработиле, да има податок каде се вработиле итн. Ако реално имаме толку невработени, зошто тогаш да увезуваме работници однадвор? – вели за весникот ВЕЧЕР Љупчо Радовски од ССМ.

Треба да се лоцира проблемот и да се види кои работат на црно, кои се водат како вработени, а не се во државата, а кои намерно не сакаат да бидат пријавени за да користат други бенефиции.

– Имаме технички проблем, невработените што нема да се пријават во одреден рок во Агенцијата за вработување, системски се бришат. Потоа немаат право да се пријават како активни баратели на работа. Еден дел работат на црно, друг дел си заминаа од државата, а голем дел од работниците, особено од угостителството и од градежништвото, се на сезонска работа во странство – вели Иван Пешевски од ССМ.

И според економските аналитичари, една од главните причини за намалувањето на невработеноста е масовното иселување на работоспособното население во потрага по повисоки плати и по подобри услови за живот во странство.

– Економските политики на владите во Македонија нè доведоа до ваква состојба – да се соочуваме со недостиг на работна сила на секое поле. Ситуацијата е толку лоша што одредени занимања како електричар, водоинсталатер и слично се поплатени од многу занимања за кои се потребни поголемо образование  и едукација. Во Македонија ќе продолжи егзодусот на квалитетни и работноспособни кадри, бидејќи веќе и платата не е основа за останување тука. Високата корупција, каде што врховни судии и членови на судски совети не одговараат за своите криминални дела, и поставувањето политички кадри на високи позиции, без соодветно образование и знаење, само ја зголемуваат и ја стимулираат волјата на кадрите да заминат оттука. На крај ќе се сведе да се увезуваат работници од Непал, Пакистан, Турција… и со тоа да се смени и демографската состојба во Македонија – вели за ВЕЧЕР аналитичарот Синиша Пекевски.

Последните статистички податоци покажуваат дека во второто тримесечје од 2024 година,  бројот на активното население во Република Македонија е 790.152 лица, од кои се вработени 691.736, а 98 416 лица се невработени. Стапката на активност во овој период е 52,1, на вработеност 45,6, додека стапката на невработеност е 12,5. Стапката на невработеност во првото тримесечје од годинава изнесуваше 12,9 проценти, што значи дека за едно тромесечје се намалила за 0,4 отсто.

(А.С.)