ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Семејно „наследство“

29

Позитивните семејни околности се основа на правилниот себеразвој, на мирот и на хармонијата во меѓучовечките односи. Какво воспитание сме добиле, такви вредности ќе рефлектираме во љубовните врски. Некои лица ќе манифестираат дистанцираност, така што многу тешко ќе се врзуваат на емоционален план. Тие ќе влегуваат од врска во врска, ретко ќе градат  длабок љубовен однос, туку само некои површни форми на вљубеност. Причината, веројатно, се наоѓа во дисхармоничните семејни односи и недостигот на емоционална топлина, доверба и близина.

Честопати постојат љубовни врски помеѓу врзувачки (зависен) тип на партнер со некој што е индиферентен и емоционално студен и дистанциран. На почетокот од односот нештата изгледаат идеално, но како што поминува времето така излегуваат на површина карактерните различности и слабости. Едниот партнер постојано ќе бара внимание и ќе се обидува да ја придобие љубовта од другиот. Тој, пак, сè повеќе ќе се повлекува, особено откако ќе почувствува дека е загрозена неговата индивидуална слобода. На тој начин двајцата ќе ја уништуваат љубовта, бидејќи нема да ја развиваат суштината на заемноста, туку сопствените егоистички побуди. Стравот од напуштање ќе предизвика врзувачкиот тип да се самонаметнува и да го контролира однесувањето на партнерот, барајќи постојана љубовна посветеност. Дистанцирачкиот тип ќе ги потиснува своите емоции и нема да дозволи некој да го контролира и да му се наметнува. Едниот постојано ќе бара сигурност и посветеност, а другиот ќе претпочита независност и дистанцираност.

Постојат разни карактерни типови на личности, на пример некои лица константно живеат во страв, со матрица на оптовареност, немир, фрустрација и тие многу тешко може да се вклопат во односите. Стравот секогаш ќе биде надвиснат врз нивните емоции. Некои други, пак, ќе бидат зависни од партнерот, бидејќи не може да опстојат без некој покрај себе. Тие често манифестираат љубомора и посесивност и доживуваат големи емоционални страдања во врските со дистанцирачките типови на партнер. Отпрвин, на дистанцирачкиот тип ќе му годат туѓите посветеност и вљубеност (емоционална зависност), но како што ќе минува времето така љубовната некомпатибилност ќе предизвика да се движи односот во негативна насока.

  1. Разрешување на потсвесната болка

Но, што е суштината на односите и зошто Бог ги поставува некомпатибилните партнери еден покрај друг? Поентата е да ја научиме матрицата на болката и страдањата кои потсвесно ги носиме во себе, а кои произлегуваат од трауматичните искуства од минатото и од односот со родителите. Неретко, токму негативните доживувања произлезени од семејството несвесно придонесуваат да привлечеме партнер што е сличен на нашите родители. Со тоа што влегуваме во однос со некомпатибилен партнер, кој емоционално ќе нè повреди на слично ниво како нашите родители, Бог сака да нè освести, сака да нè отвори и преку болките и страдањата да нè поттикне кон лична, внатрешна трансформација и, можеби, анулирање на траумата.

Ако сме дистанцирачки тип, кој постојано бега од љубовно врзување, Бог ќе нè спои со партнер што манифестира посесивност и има постојана потреба за приврзување и потврдување на љубовта. Дистанцирачкиот тип ќе се повлекува, а врзувачкиот тип ќе притиска и постојано ќе се чувствува незадоволно и отфрлено. Суштината е дистанцирачкиот тип да разбере дека поседува тешка матрица на приврзување и дека поради својата преголема индивидуалност, не се вклопува со врзувачкиот тип на партнер. Тој треба да сфати дека споделувањето на емоцијата не подразбира болка, туку потенцијал за повисоко заемно врзување. Од друга страна, врзувачкиот тип, кој постојано има потреба некој да му ги надополнува емоциите и да му создава сигурност, преку односот со дистанцирачкиот тип ќе научи дека суштината е да се прифати, поттикне и да се зајакне себеси и помалку да зависи од емоциите на другиот.

  1. Почитување на туѓата слобода

Никој не може да ни даде толку многу љубов колку што ни е потребна. Всушност, секој е должен, пред сè, да се сака самиот себе, бидејќи само така ќе може да ги сака и другите. Најголем напредок во љубовта се постигнува кога стануваме свесни за туѓите потреби и очекувања. Ако некој е дистанцирачки тип и не сака емоционално да се врзува, тоа не значи дека и другите се слични на него. Тие, можеби, имаат многу поголема потреба од љубов, блискост и поврзаност. Врзувачкиот (зависен) тип, пак, треба да разбере дека секој има потреба од слобода и интима само за себе и дека не сака да биде на услуга (или, разговорно кажано, на закачалка) во секој момент и во секоја ситуација. Значи, треба да бидеме толерантни кон туѓата посебност и да ја почитуваме различната карактерна специфичност. Преку другиот учиме, преку другиот може да се уништиме, но преку другиот може и да се воздигнеме. Типот на личност што манифестира страв, корисно е да биде во однос со партнер што иницира сигурност. Лицето што манифестира сигурност и стабилност ќе биде изненадено како е можно неговиот партнер толку многу да стравува. Но, од друга страна, плашливиот тип преку партнерот може да добие мотивација да работи на себе и да постигне одредена сигурност и стабилност.

  1. Сè почнува од раното детство

Од најголема важност е да се себеразвиваме и да сфатиме дека ништо не е случајно и дека сè произлегува од раното детство. Некои научници сметаат дека уште од рана возраст се складираат многу нешта во карактерниот профил на младата личност, која впива убави и неубави искуства. Менталната слика добиена од родителите подоцна ќе влијае да го пресликаме истото тоа кај партнерот. Од една страна, ќе бегаме од ликови што нè потсетуваат на родителите, а, всушност, длабоко ќе се возбудуваме и ќе привлекуваме партнери што манифестираат слична матрица на однесување каква што манифестирал родителот од спротивниот пол. Тоа се случува со цел да ги оживееме болките и духовно да се разбудиме.

Многумина нема да ги осознаат причинителите за фрустрацијата, ќе се разнебитуваат, разјадуваат и ќе ги обвинуваат другите, наместо да проникнат во себе и да сфатат дека причинителот на болката е во неразрешените трауми од минатото. Други, пак, ќе ги осознаат своите погрешни постапки и дека не е добро да се биде отуѓен, туку емпатичен и отворен за љубов. Трети ќе разберат дека не треба емоционално да го душат и притискаат партнерот и дека треба да постои разбирање и доверба. Останатите ќе сфатат дека стравот од напуштање предизвикува и самите да бараат причина да ги напуштаат другите. Сигурниот тип, пак, треба да разбере дека не случајно е во врска со лице што е со лоша програма на однесување. Целта е да му пренесе сигурност и да му помогне да се себеосознае.

Можеме да им го дадеме на другите само тоа што се подготвени да го примат. Главната мудрост е да работиме на подигнување на сопствениот дух и да разбереме дека само кога ќе постигнеме мир, хармонија и внатрешна усогласеност, ќе бидеме со љубовно компатибилен партнер. Ако не сме лично среќни и го бараме излезот во надворешните фактори, тогаш животните искуства ќе нè соочуваат со нашата ранливост и со проблематичните матрици на однесување. Треба да вложуваме во личниот развој и да разбереме дека позитивното програмирање на умот е клучен фактор за хармонично живеење.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)