Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ реагира дека се засилува хајката против игрите на среќа. Велат дека по секоја најава и иницијатива за измени на Законот за игри на среќа, како по нарачка се јавува одредена група демонстранти, која спроведува негативна кампања.

– Она што е крајно загрижувачки што се вклучени и верски лица, кои се најрадикални во ставовите. Таков беше случајот и со протестот на групата демонстранти во Струга. Во интерес на објективно информирање на јавноста, сакаме да ги разобличиме сите манипулативни тези во врска со игрите на среќа, кои беа пласирани во Струга – велат од „Сакам да работам“.

Повикувајќи се на официјални информации, од Здружението потенцираат дека во Општина Струга, заедно со околните села, има вкупно 13 училишта, од кои две средни.

– Според последниот попис на Државниот завод за статистика, Градот Струга е лидер по бројот на угостителски објекти во југозападниот регион на Македонија. Односно во Струга има 163 угостителски објекти, во кои, меѓу другото, се точи и алкохол и се пушат цигари, кои, како општествени појави, може штетно да влијаат врз развојот на младината. Зошто групата демонстранти, по истите аршини како за игрите на среќа, не побараат да се затворат и овие 163 угостителски објекти? – прашуваат тие.

Различните приредувачи на игри на среќа, вкупно гледано, вработуваат околу 10 илјади лица, што е повеќе од вкупниот број жители во две општини во Источна Македонија.

– Овој економски сектор е најголем приватен работодавец во земјата. Постојната регулатива во Македонија е најстрога на Балканот, бидејќи актуелниот Закон ги опфаќа сите сегменти на контрола на игрите на среќа, од сите надлежни институции. Ние работиме во општествено одговорни компании, кои целосно го штитат јавниот интерес и неселективно ги спроведуваме законските норми – велат оттаму.

Потенцираат дека целосното затворање на легалните игри на среќа ќе предизвика отпуштање на 10 илјади вработени, статистички значи дека тоа се 35 илјади нови кандидати за иселување од Македонија.

– Државата ќе загуби најмалку 280 милиони евра буџетски приходи на годишна основа. Ќе се затвори целосно законска економска гранка, што ќе предизвика отворање, играње на црно во подрумски простории, како децении наназад. Државата ќе нема ниту контрола ниту ќе остварува буџетски приливи. Приходите ќе завршуваат во приватни џебови, без да се плаќаат лиценци и даноци – велат од „Сакам да работам“.