Откупувачите на јаболка, по средбата со министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски ,изјавија дека е договорено минималната откупна цена за ајдаретот да изнесува 18 денари.

– Откупувачите ги соопштија цените и тие веќе од утре треба да бидат истакнати на секое откупно место. Она што можам да го ветам јас кон земјоделците е дека ќе го следиме процесот преку Земјоделскиот инспекторат, да помине сè согласно со законите и процедурите и она што сме го договориле – рече министерот.

Откупувачите сметаат дека сортите треба да бидат со минимални цени од 20 до 22 денара.

– Доколку имаме добри земјоделци, ќе имаме и добри фирми понатаму. Откупната цена на индустриското јаболко ќе започнува со цена од 8 денари, со тенденција од побарувачката да расте таа цена кон повисока цена – рече еден од откупувачите.

Министерот Трипуновски додаде дека ќе се следат состојбата и секоја тенденција за зголемување и согласно со потребите на пазарот, нормално, ќе има и корекција на самата цена.

– Овој пат, за првпат како Министерство покажавме како можеме на заедничка маса помеѓу откупувачите и земјоделците да извлечеме некои цени, кои се надевам дека ќе бидат прифатливи од двете страни – појасни тој.

Според него, во наредниот период, Министерството останува отворено за да се разговара за сите програми и за сета поддршка што треба да ги дава, нормално и измена на законите и на процедурите, кои ќе значат дефинирање на одредени слабости што се случувале низ годините, во текот на откупот.