Многу непознати и неоткриени локалитети, ридови, водопади, цркви… се наоѓаат на планината Скопска Црна Гора, а кои вреди да се посетат, да се запознаат и да се ужива во нивната убавина.

Дејан Вељанов, искусен планинар, добар познавач на оваа планина и претседател на Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“, предлага да се види ридот Давина Кула над Качанички пат, кој се наоѓа на надморска височина од 535 метри.

Овој рид, според Вељанов, вреди да се посети, бидејќи на него има археолошки предмети и остатоци од населба и свет храм од раното христијанство.

– Сè уште нема маркирана патека до ридот, но има неколку пристапи до него. Со теренско возило има пристап од локалниот пат, кој оди до рудникот „Бразда“. Има пешачки патеки од населените места Глуво, Бразада, Чучер Сандево и од манастирот „Свети Никита“. Во просек, патеките се долги околу 10 километри – објаснува Вељанов.

Тој опишува дека пределот е низок, дека има пространи ливади за движење и дека оттука има идеален поглед кон Скопје, Водно и кон поголемите планински масиви, како што е масивот Мокра, и Шар Планина во далечина.

– Во далечина има поглед и кон неколку населени места во Косово, како што се граничниот премин Блаце и Урошевац. Од другата страна се гледаат панорамски сите врвови на Скопска Црна Гора, од Душановац на 1.225 метри надморска височина до врвот Ѓафа на надморска височина од 1.068 метри – опишува Вељанов.

Убавина вредна да се види е и Жеглиговскиот манастир, кој се наоѓа над селото Матејче и е на надморска височина од 1.010 метри. Манастирскиот комплекс е сочинет од црква посветена на успението на Пресвета Богородица, изградена во македонски стил, и од конаци, кои се обновени и оспособени за престој на туристи, но се уништени и во разрушена состојба по воениот конфликт од 2001 година.

– Постарите жители на селата во подножјето на планината Скопска Црна Гора, како што се  Црешево, Булачани и Раштак, кажуваат дека за празникот Мала Богородица оделе до Жеглиговскиот манастир – раскажува Вељанов.

Манастирот е изграден во 14 век, како и постарите цркви во тој предел на планината Скопска Црна Гора.

– Кумановци добро го паметат манастирот, бидејќи во неговиот круг имало детско одморалиште за време на СФРЈ. По конфликтот во 2001 година, манастирот бил оштетен, особено просториите за престој на деца, кои се целосно уништени и има траги од куршуми и од гранати, додека однадвор нема видливи оштетувања. Дури последниве години е влезен под заштита на културното наследство на Македонија и полека почнува да се обновува, прво камбанаријата, потоа и манастирот. Но, таа сè уште е оштетена – вели Вељанов.

До овој манастир има една маркирана патека, која спаѓа во средно тешките, бидејќи е долга 25 километри.

– Другите пристапи не се маркирани. Но, има пристап. Општините треба да се заложат за обезбедување средства за прописна маркирана патека – заклучи Вељанов.

(А.П.)