Во спортската сала на основното училиште „Јан Амос Коменски“,  полицискиот боречки клуб „Безбедност“ од утре продолжува со бесплатна обука за самоодбрана и фитнес, наменета за жени и девојки кои живеат на територијата на општина Карпош.

Од Општина Карпош велат дека обуката започнала во февруари годинава, а по двомесечна пауза поради годишните одмори, продолжува со нови термини и ќе трае до 30 ноември. Новите термини се понеделник и среда од 21.00 до 22.00 часот. 

За сите нови информации, учесничките на обуката може да се обратат кај Страшо Глигоров на телефонскиот број: 070/274-813.

Оваа иницијатива ја подржаа членовите на Советот на Општина Карпош како дел од проектот „Фитнес и самоодбрана за девојки и жени“ во рамки на Програмата за еднакви можности меѓу мажите и жените.

– Преку обуката, учесничките ќе се стекнат со техники за самоодбрана од напад на вооружен и невооружен напаѓач, за задржување на контролата, како и техники за реагирање во различни ситуации. Овој проект има за цел да ја промовира родовата еднаквост и да го поттикне развојот на едукативни информации кои се поврзани со здравјето, виталноста и физичката култура кај жените и девојките – соопштија од Општина Карпош.

За реализација на овој проект, локалната самоуправа од својот буџет обезбеди финансиски средства во висина од 100.000 денари.