Сите очи денеска беа вперени во скопскиот Кривичен суд каде, после две одложени рочишта, почна судскиот процес за грозоморното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски.  На обвинителна клупа во судница за прв пат заедно седнаа Љупчо Палевски Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишов и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Сите негираа вина за делата убиство и грабнување за кои се товарат. Манев беше единствениот кој го криеше својот лик додека снимаа фоторепортерите и снимателите, а за првпат, во судница со Палчо, седна и Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања.

На почетокот од судењето, обвинителката во овој предмет Жаклина Крстевска-Јосифовска посочи дека мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска побарала исклучување на јавноста и судење зад затворени врати. Според неа, мајката на Вања сакала да го заштити нејзиниот приватен живот, но и животот на втората ќерка, а притоа, и здравјето оти медиумските известувања за овој случај и влијаеле. Сепак Судот не го прифати ова барање и судењето продолжи пред очите на јавноста.

Обвинителката во детали ги опиша дејствијата за која се товарат обвинетите, додавајќи дека во текот на постапката ќе ја докаже наводите од обвинителниот акт. Во своето излагање таа рече дека токму Ѓорчевски на Палевски му јавил и на 24 ноември кога првично требало да биде грабнато девојчето и три дена подоцна која грабнале пред влезот во зградата.

„Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев со колата на претходно убиениот Панче Жежовски дошле пред зградата на Вања. Влатко Кешишев чекал во колата, а другите двајца со штрафцигер ја отвориле вратата и со вреќа за спиење во сутеренот ја чекале Вања. Кога таа излегла од лифтот, ја грабнале, ѝ ставиле трака на устата, ѝ ги врзале рацете и нозете со пластички стеги и ја ставиле во вреќата. Ѝ се заканувале за да не вика. Потоа ја ставиле Вања во багажникот на колата, на Партизанска ѝ го скршиле телефонот за да нема сигнал и се упатиле кон Качанички пат. Во Визбегово се сретнале со Палчо и сите заедно продолжиле кон селото Бразда, каде ја убиле Вања. Обвинетите во претходно ископана дупка ја ставиле Вања со врзани раци и нозе. Палчо, според обвинителството, со пиштол преку перница пукал во главата на Вања и ја убил. Потоа го закопале телото, а колата ја запалиле-објасни обвинителката.

Маријан Витанов, адвокат по службена должност на Љупчо Палевски во воведното обраќање вели дека не постојат цврсти докази дека неговиот штитеник стои зад убиството на Панче Жежовски во Велес. Дополнително, истакна дека пречи тоа што Палевски медиумски предвреме бил осуден.

-Истрагата е водена додека тој беше надвор од Македонија, односно на лекување во Турција. Во врска со случајот со Жежовски, обинетиот не беше воопшто во Велес кога е убиен фризерот, ниту пак има доказ дека го фрлил пиштолот во долот, рече адвокатот. Тој тврди дека обвинителството нема никакви биолошки докази дека Палчо бил на местата на убиствата. Рече  дека има многу недоследности во обвинението и најави дека ќе докажат дека Палевски имал некаков план со другите обвинети, ниту имало биолошки траги во автомобилот  „рено кангу“, ниту дека бил на местата на убиствата.

Палевски пред Судот истакна дека во постапката како докази се ставени повеќе од 100 ДНК траги, а дури деведесет проценти од неговите приложени докази се користат против него, посочувајќи дека тоа се докази кои МВР Форензика ги има изготвено по наредба на Обвинителството.

 – На 1 декември имам јавна објава на мојот Фејсбук профил, каде сум што правам и така натаму. Во хотелот се пријавив и одјавив регуларно со моја патна исправа и тргнав на пат за да направам магнетна резонанца на мојата кичма, бидејќи 70 проценти од мојата кичма не е во функција. После 10 месеци, од моите приложени докази, обвинителството ги злоупотребува и МВР Форензика по наредба на обвинителството изготвува материјални докази. Не може да ме убеди обвинителството дека нема наредба за политичко монтирано судење, затоа што многу добро знае обвинителството. Како тоа не можеле да ја видат целосната слика за овој кривичен настан, па дури на 20 мај мојата ДНК е ставена во систем, рече Палевски.

Содржината на обвинението, вели Палевски, е заснована на лажен исказ на еден од обвинетите кој сака, како што рече, да избегне доживотен затвор за злосторството кое е направено.

 

-По се што објавија, нечувствувајќи ништо за мајката на Вања, сите видеа и слики што беа објавени по порталите беа во просториите на Обвинителството и од таму излегоа сите слики од „Смарт сити“, и токму обвинителството погрешно ги брифираше медиумите. Тогаш обвинителството не се секираше за душевната состојба на мајката на Вања, па после 10 месеци кога треба да ги соочиме сите докази тогаш сака да биде исклучена јавноста, рече Палевски.

Oдбраната на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски го отфрли обвинението како целосно неосновано. Тврди дека докази нема против него, туку цело обвинение е врз основа на лажен исказ на еден обвинет. Наговиот адвокат Владимир Туфегџиќ, потврди дека Александар е жртва во оваа постапка и дека во критичниот период постапил како секој еден родител што би постапил кон неговото дете.

-Имајќи го предвид описот на поднесениот обвинителен акт за А.Ѓ. одбраната ќе докаже дека обвинението по однос на овој обвинет е во целост неосновано, неаргументирано, паушално. Одбраната ќе докаже дека обвинетиот Александар е жртва во оваа постапка, Александар во критичниот период постапил на начин на кој би постапил секој родител кога се бара неговото дете. Одбраната ќе докаже дека Александар бил исклучително посветен родител и имал висок степен на грижа за своите деца, а дека паниката, растројството од исчезнувањето на детето кај Александар биле злоупотребени. Самиот решил да води истрага за да го пронајде своето дете и тие дејствија се погрешно протолкувани. Александар ниту ги познава, ниту има било каква поврзаност со останатите обвинети, рече Туфегџиќ. Тој тврди дека во текот на постапката ниту едно од наведените дејствија не било извршено на тој начин и дека одбраната ќе докаже дека доказите се обезбедени и прибавени токму од обвинетиот Александар и со знаење на полициските службеници за кои предложи да бидат директно испитани.
-Неоснована и неприфатлива тезата за постоење на мотив во остварување на материјална корист кај Александар бидејќи неколку месеци пред настанот неговите деца веќе биле даночни обврзници и станале сопственици на становите со договор за подарок. Александар е дародавател на становите кои се наведуваат како мотив, вели адвокатот Туфегџиќ.

Ѓорчевски кажа дека на располагање се става на судот да се открие вистината за овој случај. „Чувствувам болка и агонија која не може да се објасни со зборови. Но сепак, од друга страна чувствувам и обврска и кон Вања и кон Мина, нели… Дека се ставам на располагање, за да се разреши целата оваа работа и конечно во детали, со имиња и презимиња. Со тоа што го наведе мојот адвокат, кога дефинитивно ќе се потврди, тогаш ќе бидам слободен. Тогаш нема да бидам на располагање на судот, тогаш ќе ја барам Вања“, рече Ѓорчевски.

Палевски, Кешишов, Манев и Видевски се гонат за две кривични дела и тоа: убиство и грабнување. Мозокот на операцијата, според Обвинителството, е Палевски. Таткото Ѓорчевски се гони само за кривично дело грабнување. 14-годишната Вања беше пријавена за исчезната на 27 ноември, а велешанецот Панче на 24 ноември. Нивните мртви тела беа пронајдени на 3 декември.