Ескалација на Блискиот Исток: Хезболах истрела 140 ракети врз северен Израел

21
EPA-EFE/STR

Хезболах лансираше 140 ракети кон северниот дел на Израел, само еден ден откако лидерот на екстремистичката група, Хасан Насрала најави одмазда за серијата експлозии во Либан во последните три дена.

Израелската армија објави дека ракетите паднале во три бранови во петокот попладне, а цел биле места долж разурнатата граница со Либан, пренесува „Јутарњи“.

Хезболах соопшти дека цели биле неколку места долж границата со ракетите Катјуша, вклучително и неколку бази за противвоздушна одбрана, како и штабот на израелската оклопна бригада, која, според нив, била првиот погоден, пренесува „Н1 Загреб“.

Хезболах рече дека ракетите биле како одмазда за израелските напади врз села и домови во јужен Либан.

Хезболах и Израел разменуваа оган речиси секојдневно од 8 октомври, еден ден по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, но ракетниот напад во петокот беше потежок од вообичаеното.

Насралах во четвртокот вети дека ќе продолжи со секојдневните напади против Израел и покрај овонеделната смртоносна саботажа на комуникациските уреди на неговите членови, што тој го опиша како „сериозен удар“.

Дводневните напади, за кои широко се обвинува Израел, беа насочени кон илјадници пејџери на Хезболах и воки-токи, и поттикнаа стравувања дека по речиси една година секојдневна размена на оган меѓу Хезболах и Израел може да ескалира во сеопфатна војна. Израел ниту потврди ниту негираше вмешаност во нападите.