„Колку има браќа Манаки – еден, двајца, или се 45 на број?“. Ова прашање буквално ги зовре социјалните мрежи на кои деновиве се редат реакции по повод слоганите „Еден е Манаки“ и „45 Браќа Манаки“ на годинешниов јубилеен Интернационален фестивал за филмска камера “Браќа Манаки“, кој вечерва (21 септември) се отвора во Битола. Она што „боде очи“ на сите оние кои го следат фестивалот, е несреќно избраниот слоган „Еден е Манаки“, па иако всушност се мисли на еден е фестивалот „Браќа Манаки“, шегите се во насока, „па нели се двајца – браќата киноматографери Милтон (1882-1964)  и Јанаки (1878-1954 )“. Она што е уште поинтересно, а им оди во прилог на „шегобијците“, е слоганот „45 Браќа Манаки“, а кој всушност се однесува на јубилејното 45. издание на фестивалот. Па така од еден е Манаки, иако се всушност двајца, без граматички точен начин на означување на изданието, излезе дека има дури 45 браќа на број , иако секој упатен точно знае кое е всушност значењето на бројот 45.

Токму и реакциите се во таа насока, па иако се вели дека е јасна намерата, сепак се посочува дека овие слогани „на прва“ звучат смешно и буквално збунуваат.

Она што исто така се посочува во коментарите е дека колку и да се збунувачки тие станаа добар маркетинг за самиот фестивал, бидејќи за него преку социјалните мрежи дознаа и оние кои не беа доволно упатени. Како и да е, и покрај негативните коментари и шеги заинтересираноста за овој фестивал несомнено порасна уште повеќе. Да се надеваме дека овие слогани нема да бидат главната причина по која ќе биде запаметено годинешново издание на овој престижен фестивал кој цели 45 години во Македонија ги претставува не само најдобрите кинематографери од целиот свет, туку и актуелните филмски остварувања и филмските великани.

Инаку, се очекува во Битола вечерва да пристигнат 17 врвни мајстори на филмската камера кои за својата работа се закитиле со бројни награди од најпрестижните филмски фестивали и асоцијации во светски рамки.

Во седумте фестивалски дена, публиката ќе ужива во 65 исклучителни филмски остварувања. Фестивалот го отвора филмот „Партенобе“, на прославениот Паоло Сорентино, кој беше хит на последниот Кански фестивал сниман од Дарија Д. Антонио, претседателка на жирито на „Манаки“ од пред две години. Со македонската премиера на филмот „Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оравчанец, ќе се затвори Фестивалот

На Широк сокак во Битола годинава во рамките на јубилејно 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, планирано е за првпат да бидат откриени ѕвезди на сите досегашни добитници на наградата Златна камера 300 која се доделува за животен опус. Инаку, оваа своевидна „патека на славните“ би почнувала од пред киното Манаки и би одела кон Офицерскиот дом. Намерата е да бидат откриени 18 ѕвезди, а шестмина од досегашните лауреати би присуствувале на гламурозната свеченост на која секој би ја открил својата ѕвезда. Една од ѕвездите е наменета и за годинашниот добитник на Златната камера 300 за животен опус, францускиот кинематографер Бруно Делбонел, кој го потврдил своето присуство.