Ако важи принципот Пакта сунт серванда за Преспанскиот договор, тогаш треба да важи и за Договорот за добрососедство, им предочил македонскиот премиер Христијан Мицкоски на европските лидери на состаноците во Брисел. Мицкоски денеска изјави дека Францускиот предлог на кој се повикуваат во ЕУ и во Софија не е договор и треба веќе да престанат двојните стандарди. Премиерот повтори дека Македонија и оваа Влада нема веќе да прифаќаат ултиматуми.
-На моите соговорници им кажав дека ние не можеме пред македонските граѓани да ги браниме двојните стандарди. Ако важи принципот Пакта сунт серванда за Преспанскиот договор, тогаш треба да важи и за Договорот за добрососедство. Нека ми каже еден во Брисел, каде во тој Пакта стои дека ние треба да го промениме Уставот? Нека не ми споменуваат предлози, друго е Францускиот предлог, тоа е предлог, не е договор. Како може да важи за нас Преспанскиот, тогаш мора да важи и Договороот за добрососедство, а таму вели дека нашиот источен сосед ќе не поддржува и нема да не кочи во евроинтегративните процеси. Тоа е Пакта, тоа е договор, не е договор Францускиот предлог. Треба сите да знаат, и македонската и бриселската јавност и цела Европа – не смееме веќе со двојни стандарди да водиме политика. Политиката треба да ја водиме врз основа на принципи и вредности кои се поврзани со Копенхашките критериуми и кои што се темелат на меритократија, а не на билатерални спорови, опструкции, национализми и иднетитетски прашања, изјави Мицкоски.
Тој денеска го повтори ставот дека ако ЕУ навистина ја сака Македонија во европското семејство, тогаш уште веднаш може да ги отвори преговорите за земјава.
-Мојата порака до луѓето во Брисел е јасна – ако навистина сакате да бидеме дел од Европското семејство, тогаш има начин. Ако има желба има и начин. Повеќе ултиматуми нема да прифаќаме ниту има цена која што може да ме убеди да прифатам ултиматум. Сакам овие граѓани и мојата татковина да бидат дел од ЕУ врз основа на мерит системот, а не врз основа на дополнитени национални срамови и идентитетски отстапки. Ако тие навистина сакаат да напредуваме врз основа на мерит системот тогаш преговорите ќе ги почнеме уште веднаш, уште утре. Но, тие дозволуваат една земја членка да го билатеризира целиот овој процес, изјави премиерот Мицкоски.
И по вчерашните средби во Брисел, премиерот изјави дека на тие состаноци потенцирал дека „ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми и за нас принципот тие се таму, вие сте надвор не е прифатлив“. Тој побарал процесот на интегрирање во рамките на Европската Унија да се темели на постигнувања, а не на билатерализација.
-Ние поради билатерални прашања, поради прашања кои што се поврзани од средниот век не можеме да се развиваме како држава за 21, 22 век, а камоли пак да зборуваме за нешто повеќе. Така што уште еднаш потенцирав дека ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми и за нас принципот тие се таму, вие сте надвор, ако сакате да бидете таму треба тоа да го прифатите, простете, но ние такво нешто не можеме да прифатиме. А од друга страна ни велат дека има желба да бидеме како држава, членка во Европската Унија. Мојот одговор на таа теза е, ако има желба, тогаш има и начин. Пожртвуваност е нешто друго. Но, ние бевме понижени многу пати. Во името на европските вредности променивме знаме, променивме банкноти, неколку пати Устав менувавме, менувавме име, што не направивме за да покажеме дека навистина сакаме да бидеме дел од европското семејство. И некој кога ќе ми каже ама тоа е rule of unanimity или правилото на еден глас, ве молам, тоа е ултиматум. Не се тие европските вредности во кои што мојата генерација се вљуби, изјави Мицкоски.
И покрај ваквите пораки што од македонскиот премиер ги слушнале европските лидери, сепак, по средбата со Мицкоски, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел порача дека земјава има реална можност да се приклучи кон европското семејство, но посочува дека за тоа е потребно да се спроведат обврските од минатото.
– Ја поздравувам геостратешката ориентација и посветеност на Северна Македонија за членство во ЕУ. Со сегашниот моментум во проширувањето на Европската Унија, Република Северна Македонија има реална можност да напредува на патот кон ЕУ и да се приклучи на нашето семејство. Сега е клучно да се спроведат обврските од минатото, да се почитуваат правно обврзувачките договори и решително да се продолжи со реформите поврзани со ЕУ, напиша Мишел во објава на Икс посветена на неговата средба со премиерот Христијан Мицкоски во Брисел.
За време на првата работна посета на Брисел, Мицкоски, покрај со Мишел имаше средби и со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман, а присуствуваше и на работен ручек што за лидерите на шесте земји од Западниот Балкан го приреди претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен. На ручекот, како што објави прмеиерот на социјалните мрежи, тој предупредил дека регионот и Македонија се уморни од држење на страна и од билатералните пречки на патот кон Европската унија. Мицкоски пред заминувањето најави дека ќе ги брани македонските интереси и ќе ја пренесе огромната фрустрација на македонскиот народ поради вештачки наметнатите пречки.
Премиерот Мицкоски при посетата на Брисел беше придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани. (В.С.Н.)