Почина писателката за деца Бистрица Миркуловска

82

На 94-годишна возраст почина Бистрица Миркуловска, поетеса, раскажувачка, писателка за деца и преведувачка. Taa беше и најстар член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), објави писателската асоцијација на својот профил на „Фејсбук“.

Миркуловска е родена во Скопје. Завршила Филозофски факултет на Скопскиот универзитет и постдипломски студии од областа на македонистиката. Работела како професор по словенечки јазик на Филолошкиот факултет во Скопје. Била лекторка по Македонски јазик и книжевност на Масариковиот универзитет во Брно, Чешка. Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1971. Писателка е на книгите: „Цвеќенца“ (поезија за деца, 1960), „Градинче“ (раскази за деца, 1962), „Првачиња“ (поезија за деца, 1972), „Празнични виделини“ (поезија за деца, 1979), „Виножито“ (раскази, 1979), „Сите деца мили“ (поезија, за деца, 1982), „Ѕвездена“ (бајки, 1986), „Виделина“ (бајка, 1989), „Клучарчиња“ (роман за деца и млади, 1992), „Прекршен лет“ (поезија, 1996), „Kdyz kvetly kastany“ (Кога цутеа костени, поезија, Брно, 1997). Добитник е на „Потокарова повелба“ на поранешниот Сојуз на книжевните преведувачи на Југославија за преводи од словенечки на македонски јазик.