Напуштениот објект зад ТЦ „Буњаковец“ исчистен, бездомниците иселени

62

Акцијата е спроведена по пријава на станарите од околните згради. Од Општината информираат дека се иселени бездомниците, а руинираната куќа, која била претворена во депонија со смет и со токсичен отпад, е исчистена и оградена со лимени табли за да се спречи повторно влегување на овие лица

 

Општина Центар, со асистенција на МВР, го расчисти напуштениот објект на улицата „Владимир Полежиновски“, зад ТЦ „Буњаковец“, во кој со месеци диво биле вселени бездомни лица и зависници. Акцијата е спроведена по пријава на станарите од околните згради.

Од Општината информираат дека се иселени бездомниците, а руинираната куќа, која била претворена во депонија со смет и со токсичен отпад, е исчистена и оградена со лимени табли за да се спречи повторно влегување на овие лица.

На акцијата присуствувал и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. Жителите му се пожалиле дека стравуваат за личната безбедност, но и за своето здравје поради ситуацијата во соседниот објект, потенцијален извор на зарази.

– Инспекторите на Општина Центар и полицијата одлично си ја завршија работата и мислам дека веќе нема место за загриженост. На сопствениците им наложивме да го средат и да го исчистат објектот, а ние го расчистивме околниот јавен простор. Сопственикот го загради и влезот на куќата, со цел да нема нови упади – изјави Герасимовски во разговор со граѓаните.

Градоначалникот посочи дека ваквите пропаднати и напуштени куќи, во кои се собираат бездомници и се прават мини депонии, не се само грда слика во центарот на градот туку и вистинска опасност за сите жители во околината.

– Ги замолуваме сопствениците да бидат совесни, а соседите навремено да пријавуваат за да можеме да реагираме – порача Герасимовски.