На 1 октомври годинава ќе започне со комерцијална работа терминалот за течен природен гас во грчкиот град Александруполи преку кој низа земји, меѓу кои и Македонија, ќе се снабдуваат со природен гас.

– Само неколку дена нè делат од почетокот на комерцијалната работа на станицата закажан за 1 октомври, датум кој официјално ќе го означи влезот во нова ера за улогата на Александруполи и Грција во енергетската карта во Југоисточна и Централна Европа со важни можности за диверзификација на изворите на снабдување, особено по неодамнешниот договор во врска што се однесува на обврзување на една четвртина од капацитетот на терминалот од американската компанија „Вентуре Глобал ЛНГ“ – рекол извршниот директор на „Гастрејд“, компанијата-оператор на проектот, Костис Сифнеос.

Од „Гастрејд“ на почетокот на месецов соопштија дека комерцијалното работење на терминалот доаѓа „по успешното завршување на сите тестови за пуштање во употреба“. Пловната единица се очекува да испорачува природен гас до грчкиот преносен систем и од таму до крајните потрошувачи во Грција, Бугарија, Романија, Македонија, Србија и понатаму до Молдавија и Украина на исток и Унгарија и Словачка на запад и да има максимален одржлив капацитет за регасификација од 5,5 милијарди кубни метри годишно.