Палчо седна на обвинителна клупа: Почна судењето за убиствата на Вања и Панче/ФОТО

1040

Љупчо Палески-Палчо седна на обвинителна клупа. Обвинението за него, од минатото рочиште на кое тој не се појави, е споено со првото против четворицата негови соучесници во двојното убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.

Фото: П. Стојановски, Ѕ.Плавевски

Од Кривичен тогаш соопштија дека го прифатиле барањето поради економичност на постапката и затоа што станува збор за ист кривично-правен настан, исти кривични дела и за обвинети кои се гонат како соизвршители.

Меѓу четворицата соучесници на Палчо е и таткото на Вања, Сашо Ѓорчевски, кој се товари за помагање во грабнување на неговата малолетна ќерка. Штипјанецот Влатко Кешишов и велешаните Велибор Манев и Боре Видевски, пак, се соучесници во делата. Тие беа уапсени на 4 декември 2023 година, откако полицијата влезе во траг на обвинетите кои го грабнале и го убиле велешанецот Жежовски, му го зеле возилото кое го искористиле за по неколку денови да го грабнат и девојчето, а подоцна и да го убијат.

Љупчо Палески преку Белград избега во Турција, каде што и беше уапсен на 5 декември лани, а потоа на  15 мај годинава беше екстрадиран во земјава. Тој е во притвор заедно со сите обвинети а се товари за убиство и грабнување. Само таткото на Вања е во куќен притвор откако Врховниот суд му го укина затворскиот.

Панче Жежовски беше пријавен за исчезнат на 24 ноември лани, а малолетната Вања, на 27 истиот месец, а беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември 2023 година. Мотивот за нивното грабнување и убиство според обвинителството е заради барање откуп, а обвинетите треба да објаснат зошто заврши со две свирепи убиства.

Судот не го прифати барањето на мајката на Вања јавноста да биде исклучена од судскиот процес