Српскиот претседател Александар Вучиќ за „Политико“ изјави дека ЕУ и Американците се согласуваат со Белград дека Приштина е таа што го блокира напредокот во дијалогот, но дека тоа нема јавно да го кажат.
Косово го успорува напредокот во преговорите, изјави Вучиќ за бриселскиот портал Политико, во пресрет на работниот ручек што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера го одржа со лидерите на Западен Балкан.
„Иако луѓето во Брисел гледаат која страна го блокира напредокот, тие никогаш не би го кажале тоа јавно“, рече Вучиќ, тврдејќи дека „ЕУ и Американците се согласуваат со нас“.
Во текстот се наведува дека Вучиќ неодамна повикал на повторно одржување избори во четири општини на северот во Косово со мнозинско српско население.
Претседателот на Србија посочи дека нема никаков интерес да „го разгори огнот“.
„Не сакам да учествувам во кампања против Курти ниту против кого било“, тврди Вучиќ.
Политико потсетува дека претходно оваа недела требаше да се одржи трилатерален состанок на главните преговарачки тимови на Белград и Приштина со посредство на специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак, но дека не се одржа, како и дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, одржа работен ручек со лидерите на земјите од Западен Балкан, на кој беа присутни и Вучиќ и Курти, но на кој двајцата не разговараа.
Белград инсистира на тоа дека Приштина треба да ги почитува постоечките договори, вклучително и обврските од Бриселскиот договор, што се однесуваат на формирањето на Заедницата на српските општини, пишува Политико.