Дунав стигна до зградата на парламентот во Будимпешта/ВИДЕО

143

Денеска во центарот на Будимпешта Дунав се излеа од коритото и почна да ги преплавува насипите. Во текот на денот нивото на водата во главниот град на Унгарија порасна за повеќе од еден метар, на 771 сантиметар, приближувајќи се до рекордот од 891 сантиметар. Насипите во поголемиот дел од градот се веќе поплавени, а водата го покрива и насипот на долниот кеј во Пешта пред зградата на унгарскиот парламент, пренесува Hungarian Index.

Според прогнозите, водостојот на Дунав во главниоѕ град на Унгарија викендов ќе достигне околу 850 сантиметри.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан утринава изјави дека состојбата со поплавите сè уште е сериозна и тешка.

„Поради обилните дождови и поплавите, ситуацијата е критична во цела Централна Европа“, објави Орбан на социјалната платформа Х.

Речиси 6.000 експерти се мобилизирани да помогнат во подготовките за поплави, рече премиерот Виктор Орбан на прес-конференција во четвртокот наутро. Затворениците од затворот исто така беа мобилизирани за да помогнат во полнењето вреќи со песок, според АП.

Силни ветрови и невообичаено обилни врнежи погодија делови од Австрија, Чешка, Унгарија, Полска, Романија и Словачка.

Најмалку 22 лица загинаа во екстремни временски услови и поплави предизвикани од циклонот Борис во централна Европа.