„Програмата е виртуозна, динамична, захтевна и препознатлива и се состои од таканаречени шоудела. Поголем дел од нив се од 19 век. Мислам дека сите ќе слушнат зашто сите тие дела се толку познати. И ништо од тоа не би било можно без соработката со моќните колеги од оркестарот ‘Профундис‘ и диригентката Ѓурѓица Дашиќ. На крај секој музички поход е заеднички потфат. Јас со нетрпение го чекам концертот, бидејќи тоа ги покажува не само убавините на тој еден век кој засекогаш ја одбележа класичната музика, туку и убавината на инструментите“, додаде светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ пред концертот утревечер во Македонската филхармонија

 

„Возбуден сум што сум повторно во Скопје. Имам многу пријатели тука. Имам и лична не само професионална историја врзана за Македонија и Скопје. Доаѓав одамна и на летување во Охрид секоја година. И не постои само емотивна база, тука е и вашиот оркестар ‘Профундис’, кој има не само таа креативна, уметничка енергија, туку и визија и знаење како да ја промовира класичната музика, како да ги осмислува и пласира проектите. Тоа сè е неопходно бидејќи ништо не се случува само од себе. Затоа треба да се има волја и да се одржува таа инерција, а тоа луѓето го поддржуваат и доаѓаат на концерти. Тоа е она што е нашата мисија“, истакна, меѓу другото, светски познатиот виртуоз, српскиот виолинист Стефан Миленковиќ на денешната прес-конференција по повод утрешниот концерт што ќе се одржи во големата сала на Македонската филхармонија, со почеток во 20 часот. Миленковиќ во Скопје доаѓа по пет години од својот последен концерт во нашата метропола.

„Програмата е виртуозна, динамична, захтевна и препознатлива и се состои од тие таканаречени шоу-дела. Поголем дел од нив се од 19 век. Тоа е период кога во класичната музика постои подинамична соработка меѓу солистот и диригентот и тука се појавија големите виртуози од тоа време Паганини, Виениавски, Сарасате… кои не само што беа големи уметници и виолинисти, туку дадоа и многу дела, беа и композитори. Мислам дека сите ќе слушнат зашто сите тие дела се толку познати. И ништо од тоа не би било можно без соработката со моќните колеги од оркестарот и диригентката Ѓурѓица Дашиќ. На крај секој музички поход е заеднички потфат. Јас со нетрпение го чекам концертот, бидејќи тоа ги покажува не само убавините на тој еден век кој засекогаш ја одбележа класичната музика, туку и убавината на инструментите“, додаде Миленковиќ.

На прашањето дали како светски познат уметник останало уште нешто во негова кариера како неисполнета желба Миленковиќ одговори: „Јас сето тоа би го гледал низ призма на една работа на себе, на некое истражување на самиот себеси е некоја надградба на својата личност и можностите. И таа работа никогаш нема да престане. И во таа смисла секогаш има некој аспект кој можеме да го развиеме и затоа има многу работи кои би сакал да ги направам“, додаде Миленковиќ.

Инаку, овој музички настан е најавен како спектакуларен, а публиката, како што вели Ѓурѓица Дашиќ диригентката на оркестарот „Профундис“, ќе има можност да ужива во некои од најсложените и најпредизвикувачките дела од класичната музика.

„Ја финишираме концертната сезона на ‘Профундис’ токму со уметник од светски калибар што за нас е привилегија и голема чест, но и огромна одговорност. На овој концертен спектакл ќе бидат изведени исклучително технички захтевни дела и за оркестарот и за солистот. На програмата на концертот во Скопје ќе бидат изведени „Величествената серенада за гудачи“ од П. И. Чајковски, капитално дело кое може да се каже дека го турка секој музичар да се надмине себе си. Исто така ќе бидат изведени и „Ла кампанела“ на Н. Паганини, како и делата на К. Сен-Санс, Ж. Масне, А. Бацини и П. Сарасате, ветувајќи музичка вечер проткаена со финеси и грациозност само какви што може да отсвират Стефан Миленковиќ и ‘Профундис’“, додава Ѓурѓица Дашиќ.

Инaку, Миленковиќ е еден од најпочитуваните виолинисти на својата генерација, со долга и успешна кариера како солист и виртуозен виолинист. Неговите настапи ги красат сцените на најпрестижните концертни сали низ светот, а неговата изведба е позната по своите длабочина, прецизност и неверојатна техничка подготвеност. Во својата кариера, тој е добитник на многу награди и признанија, а во Србија ги носи титулите за уметник на векот, најхумана личност, личност на годината и е еден од најпознатите српски уметници што градат кариера на сцените во светот. Познат е уште од најраните години како „чудо од дете“. Роден во 1977, тој покажа извонреден музички талент уште од најрана возраст, одржувајќи го својот прв концерт на само шест години. На само 10 години настапуваше пред претседателот на САД, Роналд Реган, на Божиќниот концерт во Белата куќа, следната година свиреше за Михаил Горбачов во Белград, а на 14 години настапуваше пред папата Јован Павле Втори. На 16 години го имаше својот 1.000-ти концерт во Монтереј, Мексико, а на 17-годишна возраст веќе имаше победено на голем број натпревари за млади виолинисти. Неговите интерпретација и уникатен стил продолжуваат да го воодушевуваат љубителите на класичната музика низ светот. Тој не само што е извонреден изведувач туку е и активен хуманитарец, со значителен придонес во светските хуманитарни напори и меѓународни музички соработки.

Камерниот оркестар „Профундис“, пак, е уметнички состав, чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот, со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестра во Македонија, Националната опера и балет и македонската Филхармонија. (Д.Т.)