Граѓаните, невладините организации и претставниците на институции преку форумски сесии ќе го изберат најдоброто решение за проблемите со аерозагадувањето. Во гостиварската општина, приоритетите ќе се изберат на форуми.
Раководителот на Секторот за екологија во Општина Гостивар, Зуди Џелили, напомена на првата сесија дека е важно да се слушнат мислењето на граѓаните и предлозите на сите учесници.
– Во првата фаза се запознаваме со проблемот, а преку втората форумска сесија, со гласање ќе се определат приоритетите и конкретните предлози. Зависно од вредноста и обемот на предлозите, може да бидат еден или два помали. Би требало да се спроведат наредната година – појасни Џелили.
Финансирањето ќе биде со средства од општинската каса и од УНДП, со вредност од 20 милиони денари.
Првиот човек на Општината напомена на сесијата дека локалната самоуправа се справува со загадувањето преку годишната програма. Притоа, тој посочи дека е во функција мрежа од мерни станици што ги следат критичните точки, а доколку годинава финансиската состојба го дозволи тоа, ќе има и субвенционирање за инвертери и за велосипеди.
– Се надевам дека доколку ни дозволат финансиските услови, и оваа година и наредната ќе имаме такви мерки. Исто така, учествуваме и во Неделата на мобилност, во чии рамки се организира Ден без автомобили, со што ги мотивираме граѓаните повеќе да ги користат велосипедите и да се движат пеш – рече в.д. градоначалникот Ваљбон Лимани.
Пред учесниците на форумската сесија беше презентирано и дел од истражувањето „Справување со загадувањето на воздухот“, во кое Гостивар е еден од петте вклучени градови.
– Специфични за Гостивар се минералната прашина од околината, каменоломите што ги има во поголем број и околните градежни активности. Вредностите просечно ги надминуваат дозволените норми, но некаде за 10-15 %, што не е случај со другите поголеми градови. Доколку се спроведат препорачаните мерки, тогаш Гостивар ќе има почист воздух – нагласи професорот Дејан Мираковски.