Вложувањата на граѓаните во патничко осигурување за патување во странство во јуни, јули и август достигнале 125,65 милиони денари (2 милиони евра), што е за 6% повеќе од истиот период лани. Истовремено износот на исплати за штети покриени со патничко осигурување, за овој период е зголемен за 89% и достигнал 34,46 милиони денари (560.000 евра).

Со тие пари осигурителните компании им надоместувале медицински трошоци настанати за време на престојот во странство, изгубен багаж или некој друг од ризиците што го покрива патничкото осигурување.објави Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Сите 11 осигурителни компании за трите летни месеци исплатиле штети покриени со патничко осигурување на повеќе од 35.300 граѓани кои патувале во странство. Бројот на исплатени штети во месеците јуни, јули и август годинава е за 14,5 отсто повисок од бројот на штети во истиот период 2023 година.

Што се однесува на продажбата на месечно ниво од податоците е евидентно дека најголема била побарувачката за патничко осигурување во јули. Тој месец граѓаните вложиле 44,79 милиони денари (над 728.000 евра) за да купат патничко осигурување.

Соодветно на тоа во јули најголем е и бројот и износот на исплатени штети. Така во јули 14.460 осигуреници наплатиле 14,9 милиони денари (над 242.000 евра).