Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека Израел се обидува да го прошири конфликтот во целиот регион на Блискиот Исток.
„Напорите на Израел за проширување на конфликтите во регионот се исклучително опасни… напорите за запирање на израелската агресија ќе продолжат“, рече Ердоган за време на телефонскиот разговор со либанскиот премиер Наџиб Микати, соопшти Канцеларијата за медиумска соработка на турскиот претседател.
Турскиот лидер изрази сочувство за „неодамнешните настани во Либан, загубата на животи“ и на повредените им посака „брзо закрепнување“.
Повеќе од 2.000 луѓе низ Либан, вклучително и членови на либанската паравоена група Хезболах и медицински лица, беа повредени во вторникот кога пејџерите што ги користеа милитантите на Хезболах за да комуницираат експлодираа низ целата земја.
Пејџерите што беа детонирани беа од најновиот модел, а Хезболах ги имаше набавено во последните месеци.
Израелската армија одби да коментира за вмешаноста во експлозиите, пренесува Танјуг.