Наука и уметност на 14. Меѓународна конференција на Европски универзитет Скопје

33

Утре, 20 септември, во 11.00 часот, на Европски универзитет Скопје ќе се одржи 14. Меѓународна конференција под наслов „Современи аспекти на техничките, општествените, уметничките и медицинските системи“ во организација на Факултетот за информатика при Европскиот универзитет Скопје.

Мисијата на конференцијата се состои во стимулирање и презентирање на достигнувања и идеи од последните истражувања поврзани со овие области, како и можности за идни истражувања и соработки.

Темата на оваа конференција укажува на мултидисциплинарност, а причина за тоа е секојдневниот раст и развој на сите научни дисциплини и обидите за заеднички истражувања поврзани со уметноста. Општо е познато дека не може да постои напредок на научен и општествен план, доколку не се имплементираат поефикасни форми на промислување, дејствување и однесување. Поинаку кажано, потребни се континуирани нови пристапи за донесување одлуки, расудување, креирање идеи и спроведување на идеите.

Светските случувања, произлезени од пандемијата, енергетската криза, економската рецесија и воените судири длабоко влијаат врз чувството на сигурност, безбедност и перспективност на глобално ниво. Тоа генерира нов пристап кон стопанските текови, кон безбедносните прашања и кон научните современи аспекти, како клучни приоритети во современиот начин на живеење. Новото време бара и нови вредности на промислување и дејствување. Поквалитетните услови за живот на светската популација е глобална цел, така што без создавање подлога за имплементирање нови вредности, невозможно е да се изгради здраво општество и напредно човештво.

Во оваа комплексна ситуација не треба да заостанат ниту науката, ниту уметноста, туку тие да бидат едни од водечките сили во потрагата по новите вредности, односно поефективен развој и поефикасни форми на хармонична егзистенција.

Целта на конференцијата е да се подготват, презентираат, образложат и соочат научни, стручни и уметнички трудови кои ги констатираат и респектираат ограничувањата и стимулирањето во откривањето, анализирањето и воопштувањето на идеи, теми, прашања, проблеми и проекции во научната и уметничката сфера. Размената на искуства, на информации за настанувањето на поединечните инспирации и начините на создавање на трудовите се, исто така, важна цел на конференциското соочување, дебатирање и сублимирање.

На конференцијата ќе се презентираат и научни трудови и уметнички дела.