Голема полициска акција во Австралија: Разбиена меѓународна криминална мрежа, пробиен таен комуникациски систем

51
EPA-EFE/DAN HIMBRECHTS

Австралиската полиција откри дека десетици луѓе биле уапсени во Австралија како дел од глобалната полициска акција против шифрираната криминална комуникациска мрежа, во која учествуваат девет земји и агенцијата за спроведување на законот на ЕУ, Европол.

Мозокот на мрежата е 32-годишен маж од Нов Јужен Велс, соопшти австралиската Федерална полиција (AFP), додавајќи дека човекот е обвинет „за создавање и администрирање на Ghost, посветена шифрирана комуникациска платформа“, која, како што тврди АФП е изградена исклучиво за криминалното подземје. Тоа е прв ваков случај во земјата.

Австралиската полиција уапси 38 лица ширум земјата од понеделникот до денеска како дел од операцијата со кодно име Операција Кракен, а во наредните денови се очекуваат уште апсења. Полицијата соопшти дека успеала да спречи смрт или сериозна повреда на 50 луѓе во Австралија како резултат на разбивање на „Духот“. Полициската акција е во тек и во други земји, вклучувајќи ги Ирска, Италија, Шведска и Канада.

Според австралиските обвинители, сторителите ја користеле апликацијата за „шверц на недозволени дроги, перење пари, нарачување убиство или закана за сериозно насилство“. Станува збор за банди и организирани криминални групи на Блискиот Исток, Австралија и Јужна Кореја.

Во операцијата, властите таргетираа шифрирана комуникациска платформа која беше создадена пред девет години. АФП соопшти дека ги изменила ажурирањата на софтверот „кои всушност ги заразиле уредите, дозволувајќи ѝ на АФП да пристапи до содржината на уредите во Австралија“.