Хуан Тоскано Андресон предизвика вистинска бура. Поранешниот кошаркар на Голден стејт, Лос Анџелес лејкерс, Јута и на Сакраменто, сега настапува во развојната лига, а играше и на натпреварот меѓу селекцијата на развојната лига и Уникаха. Потоа, при еден тајмаут, им се развика на соиграчите и даде омаловажувачка изјава за квалитетот на кошарката надвор од Америка. Сега мораше да излезе и да се извини, бидејќи имаше бројни негативни коментари. Дури и Мајк Џејмс излезе и го нападна Тоскано, кој сега мораше да се правда.
- Ги разбирам нивото на талент и конкуренцијата во тие лиги. Ова не требаше да биде непочитување кон тие играчи и кон тие лиги. Само сакав да ги потсетам моите соиграчи дека НБА е најдобрата лига во светот и дека треба да ја играме најдобрата можна кошарка ако сакаме да бидеме таму – изјави Хуан Тоскано Андерсон.
На тајмаутот, сакајќи да ги „разбуди“ своите соиграчи кога убедливо губеа, кажа навредливи зборови за европската кошарка, односно за Евролигата.
- Нашиот сон е да не играме во смрдливата АЦБ-лига (шпанската Прва лига), нашиот сон е да не играме во смрдливата Евролига, нашиот сон е да играме во НБА-лигата, да заработиме стотици илјади и милиони долари. Срамота е ова што ни го прават! Неприфатливо е! Мора да го свртиме натпреварот во наша корист – извика Андерсон на тајматутот, и сите светски спортски медиуми го пренесоа тоа.
Сега, Хуан Тоскано Андерсон е член на Мексико Сити капитанес, тим што настапува во развојната лига во Мексико, а ова е еден од обидите на НБА да се прошири на нов пазар, по Канада. Се зборуваше дека има план да излезе на европскиот пазар, но тоа засега изгледа далеку.