EPA-EFE/CHRISTIAN BRUNA

Поранешниот шампион во Формула 1, Жак Вилнев, е загрижен за формата на актуелниот првак, Макс Верстапен.

Вилнев беше шампион во Формула 1 во 1997 година, кога возеше за Вилијамс и е првиот Канаѓанец што го направи тоа. Тој ја анализираше шампионската трка во Формула 1 за британски „Скај спортс“, пред почетокот на тркачкиот викенд во Сингапур.

Макс Верстапен има 59 поени предност пред второпласираниот Ландо Норис. Разликата е намалена за три поени по трката во Азербејџан, иако Ландо ја започна трката од 15. позиција, дури девет позиции зад Макс Верстапен и заврши на четвртата позиција, минувајќи го Макс, со кого го намали заостатокот.

Инаку, Оскар Пјастри победи во Баку, а трката остана во сенка на инцидентот меѓу Карлос Саинц и Серхио Перез.

  • Макс изгледа скршено, го нема истиот ентузијазам и не се бори толку жестоко како порано. Дури и на радио, едвај го слушаме. Нешто се смени. Неговиот болид не е како што би сакал да биде, и Перес беше многу побрз од Макс – истакна Вилнев.

Ред бул повеќе не е прв во генералниот пласман на конструктори, бидејќи Мекларен го мина на табелата и сега има 20 поени предност, што е прилично изненадувачки.

Последен пат Ред бул победи во Шпанија, на 23 јуни. Оттогаш Макс Верстапен ги има петтото место во Австрија, второто во Силверстон, петтото во Унгарија, четвртото во Спа Франкошамп, второто во Холандија, шестото на Монца во Италија и петтото во Азербејџан.

Што се случува со Макс? Дали заминувањето на Адријан Њуи толку му наштети на Ред бул? Тоа се прашања што постојано вртат во глава кај љубителите на овој спорт.