Европскиот суд за човекови права ја казни Шпанија со 26.000 евра во случај во кој е вмешана членка на Јеховини сведоци на која и била дадена трансфузија на крв против нејзина волја за време на операцијата.
Судот во Стразбур едногласно пресуди дека имало „повреда на членот осум (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права во светло на член девет (слобода на мисла, совест и религија).
Покрај обештетувањето од 26.000 евра, Шпанија ќе мора да плати и судски трошоци, пренесе АФП.
Случајот е поврзан со трансфузијата на крв дадена на Роза Еделмира Пиндо Мула, еквадорска државјанка која живее во Шпанија, за време на итна операција.
– Со оглед на ситуацијата во која случајот беше итен, во болницата не се почитуваше вообичаениот протокол за добивање согласност – соопштија од судот.
Јеховините сведоци веруваат дека е против Божјата волја да се прима крв и затоа одбиваат трансфузија на крв.
Во март 2020 година, Пиндо Мула поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права, кој одлучува за прекршување на Европската конвенција за човекови права во 46 земји-членки на Советот на Европа.
Таа за агенцијата АФП изјави дека е „многу среќна што правдата е задоволена“ и изрази надеж дека пресудата „ќе овозможи во иднина да се почитуваат правата на другите луѓе“.