Поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави и републикански кандидат за претстојните ноемвриски претседателски избори, Доналд Трамп, денеска лансираше нова платформа за крипто валути „World Liberty Financial“ и ја покани јавноста да инвестира во светот на дигиталните валути.
Проектот беше претставен во овој дел на Европа во два часот по полноќ преку платформата X Spaces, пренесува CNBC.
Според структурата на капиталот, 20 отсто од токените на проектот ќе бидат доделени на основачкиот тим, кој го вклучува семејството Трамп, 17 отсто од токените се издвоени за награди на корисниците, а останатите 63 отсто ќе бидат достапни за купување од страна на јавноста, изјави основачот на платформата Зак Фолкман.
Воспоставен е и нов токен WLFI, кој ќе се базира на блокчејнот Ethereum (ETH), пренесува порталот Koindesk.
Доналд Трамп изјави дека претходно не бил многу заинтересиран за криптовалутите, но дека неговите деца го убедиле да се премисли.
„Крипто е една од оние работи што треба да ги правиме. Без разлика дали ни се допаѓа или не, мораме да го направиме тоа“, рече Трамп на крајот од својот говор, пренесе Танјуг.