На „Сан Сиро“ пресметка помеѓу големите ривали

66

Фудбалските фанови од денеска ќе имаат причина плус за задоволство затоа што за неколку часа ќе стартуваат натпреварите од новата сезона во најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони, кое од оваа година ќе има нов формат.

Веќе е познато дека групната фаза заминува во историја, а сите тимови кои обезбедија пласман од сега ќе играат најмалку осум натпревари, четири на домашен и исто толку на гостински терен. Секој тим ќе има седум различни противници, а директен пласман во 1/8 финалната фаза ќе обезбедат клубовите кои ќе завршат на првите осум позиции на табелата. Тие кои ќе бидат од 9 до 24 месето ќе одиграат два натпревара и победниците ќе се пласираат во 1/8 финалето.

Освен во вторник и среда, од оваа сезона ќе има натпревари и во четврток, а кога се во прашање денешните шест, убедливо најголемо внимание привлекува дуелот на „Сан Сиро“ помеѓу голмите ривали, италијанскиот калчо гигант Милан и англискиот премиерлигаш Ливерпул.

-Мора да бидам искрен, веќе со денови мислиме на натпреварите против Ливерпул и Интер. Јасно ми е колку е важно градското дерби, но нема ни малку да ни биде лесно против Ливерпул. Иако играме во ЛШ, јас истовремено го проучувам и Интер. Знам колку им се важни овие натпревари на нашите навивачи и затоа работиме напорно, сакаме да се покажеме во најдобро можно светло, изјави тренерот на „росонерите“, Пауло Фонсека.

Бранителот на тронот, шпанскиот гигант Реал (М), стартува на домашен терен и се освен убедлив триумф против германскиот бундеслигаш Штутгарт ќе биде дефинирано како вистинска сензација.

Лесна задача, барем на хартија, би требело да имаат и фудбалерите на Баерн (М) кои имаат обврска да ја оправдаат фаворитската улога против најтрофејниот хрватски клуб, Динамо (З).

Предноста на домашниот терен се очекува да ја искористи и најтрофејниот италијански клуб Јувентус, кој за противник го има шампионот на Холандија, екипата на ПСВ.

Денеска на програмата: Јувентус – ПСВ, Јанг Бојс – Астон Вила, Милан – Ливерпул, Баерн (М) – Динамо (З), Реал (М) – Штутгарт, Спортинг Л. – Лил.