Почна теaтарскиот фестивал за деца и млади „Силјан Штркот“

24

Со претставата „Убавицата и ѕверот,“ денеска, во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, почна петтото издание на детскиот театарски фестивал „Силјан Штркот“. До сабота, детската и младинската публика ќе видат пет претстави за деца и за млади („Убавицата и ѕверот“, „Чернодрински се враќа дома“, „Бременски музиканти“, „Сомнително лице“, „Книголандија“), како и работилници за уметничките елементи за обликување на една претстава.

Организатори на детскиот театарски фестивал „Силјан Штркот“ се Здружението за култура, уметност и социјално претприемништво Прилеп и актерките Марија Спиркоска-Илијеска и Ангела Наумоска.

– Петта година, театарскиот фестивал за деца  „Силјан Штркот“ е значаен настан што продолжува да го збогатува културниот живот кај најмладите. Фестивалот нуди многу придобивки за развојот на децата и за културниот живот на заедницата. Тој е важен од повеќе аспекти: за развивање на креативноста кај децата, за збогатување на образованието, развивање на социјалните вештини, јакнење на емотивната интелигенција, како и за критичко размислување – вели актерката Марија Спиркоска-Илијеска.

Фестивалот е битен чекор во продолжувањето на традицијата на промоција на театарот за деца.

– Секој ден имаме посета на градинки за најмалите деца да земат учество во интерактивните активности и игри. Работилниците што се предвидени за оваа година се од различен уметнички свет. Танцот, ликовната уметност и драмската култура за да можат децата да се запознаат со основните принципи и правци во уметноста – објасни актерката Ангела Наумоска.

И оваа година, театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“ ќе заврши со забава за целото семејство со „5+ бенд концерт“.