– Не постои, ниту било, ниту ќе постои, совршено општество што не е подложно на сатира. Сатирата е ширење лажни вести за да се каже вистината. Еве, веќе 30 години како го работам тоа и се влечам по судови – истакна Борис Дежуловиќ од Хрватска. Со претставување на неговото творештво, но и на творештвото на домашниот автор Ѕвездан Георгиевски, завчеравечер, во Даут-пашиниот амам во Скопје, започна 12. интернационален литературен фестивал „Про-за Балкан“

 

Со претставување на дел од творештвото и разговор со двајца автори, искусни новинари, уредници и колумнисти, Борис Дежуловиќ од Хрватска и домашниот автор Ѕвездан Георгиевски, вчера, во Даут-пашиниот амам во Скопје, започна 12. интернационален литературен фестивал „Про-за Балкан“. Публиката имаше задоволство да ја истражи нивната динамика со оглед дека нивното творештво се движи во истите новинарско-авторски води, но со различни пристапи и сензибилитет.

На гостите на фестивалот добредојде им посакаа идејните творци на фестивалот – Дејан Трајкоски, Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски.

Борис Дежуловиќ, некогашен соборец на Предраг Луциќ во „Ферал трибјун“, веќе дваесет години е колумнист во хрватските неделници и дневни весници. Со своите колумни со години отвора значајни и чувствителни теми за хрватското општество, поради што неговата работа многупати беше напаѓана и критикувана. За Хрватска денес вели дека кога ќе се гребне под површината, излегува смрдлив гној, кој не е излекуван уште од 90-тите години.

– Хрватска лично, за мене, денес е полоша од тоа што беше во 90-тите. Кога веќе зборуваме за поделбата на ваши и на наши, јас никогаш не се согласив да бидам наш, уште во Југославија, а камоли во Хрватска. Тој „нашизам“ е, всушност, новиот фашизам. Сите наши нации се „нашистички“ нации, оти сите го гледаме само нашето. Како некој не е наш, односно ваш. Во време на црните 90-ти, во екот на војната, никогаш немав проблем да шетам по Сплит, никогаш немав никаква непријатност иако, како редакција на „Ферал трибјун“, имаме доживеано најлоши работи. Денес, по 30 години, секој кретен во Сплит има потреба да задева, да дофрла и, фала Богу, не сме стигнале до тоа физички да ме напаѓа. Но, таа атмосфера во општеството е неспоредливо полоша. Јас побегнав од Сплит, зашто тоа е смртоносна комбинација на двата најголеми ужаса во мојот живот, а тоа се фашизмот и туризмот. Е, во Сплит тие две се споија во комбинација од која морав да побегнам. Јас го сакам Сплит најмногу на светот, но, за жал, тој веќе не е мојот град – истакна Дежуловиќ.

Лафазановски рече дека тоа што го одликува Дежуловиќ како автор сите овие години се сатирата, црната сатира, иронијата, на што авторот од Хрватска одговори:

– Човештвото, во таа смисла, е во трајна криза. Не постои, ниту било, ниту ќе постои совршено општество што не е подложно на сатира.

Дежуловиќ раскажа и за тоа како завршиле на суд во поранешна Југославија, под обвинение за ширење лажни вести. Тогаш судијата донел ослободителна пресуда и во обраќањето на јавниот обвинител му рекол: „Вие малку сте се ‘зезнале’, сатирата по дефиниција е ширење лажни вести“.

– Сатирата е ширење лажни вести за да се каже вистината. Еве, веќе 30 години како го работам тоа и се влечам по судови – додаде Дежуловиќ.

Sвездан Георгиевски  е добро познат на домашната публика како новинар во повеќе редакции и основач на наградата „Роман на годината“. Од својот деби-роман во 2016 г., објавува и книги есеи, раскази, повторно роман и последната книга записи „Базирано врз речиси вистинити настани“, објавена годинава, во издание на „Бегемот“.

– Никогаш не сум се доживувал како литерат или како писател. Сите знаеме каква е состојбата во македонското новинарство. По децении работа, успеав да останам без професионален новинарски ангажман. Не знаев да поправам бојлер, да правам маси, да работам што било друго. Единствено што умеам е со зборови – рече Георгиевски како почнал да пишува и како му се допаднал тој процес, па продолжил да пишува понатаму и да се изненадува себеси, не водејќи сметка дали ќе излезе понатаму како книга. Тој истакна дека никогаш не работел во политичка рубрика и, како сектор, никогаш не водел литература.

– Новинарите од културните рубрики се многу поприемчиви за колумни. Новинар од културна рубрика може да напише спортски текст, новинар од спортска рубрика тешко може да напише текст од култура. Уредник од културна рубрика може да биде уредник и на политичка и на економска и на целиот весник, новинар од економска не може да биде уредник на културна… – дополни Георгиевски.

Поради здравствени причини, најавената авторка од Бугарија, Рене Карабаш, не можеше да присуствува на отворањето.

Во рамките на фестивалот, предвидени се неколку настани. Во 13:30 часот, во Бугарскиот културно-информативен центар ќе се одржи традиционалната средба на членовите на програмата „Скопје фелоушип“ со претставници на Македонската асоцијација на издавачи. Од 20:00 часот, во „Јуроп хаус Скопје“ се одржува тркалезна маса на тема „Литературата како форма на отпор“, со учество на  гости писатели, а ќе биде модерирана од Владимир Јанковски. Претходно, во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, дел од програмата на фестивалот е и средбата на деца со словенечката писателка на книги за деца и адолесценти, Мајда Корен.

Средба на децата со писателката Мајда Корен задутре е предвидено и во училиштето „Вера Циривири-Трена“ во Скопје. Исто така, во 12:30 часот, ќе биде претставен и конкурсот на Министерството за култура за финансирање преводи на странски издавачи, пред членовите на „Скопје fellowship“ програмата.

Програмата „Скопје фелоушип“ оваа година се реализира во соработка со КУД „Содобност“ од Словенија, а е кофинансиранa од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Книжевната средба со Катарина Луа ван Хоф и со Лали Бернар е закажана за во 17:00 часот, во Францускиот институт во Скопје. Затворањето, пак, на годинашниот фестивал е вечерва, во Даут-пашиниот амам (20:00 часот), при што со Владимир Пиштало, Мајк Дауни, Виолета Танчева- Златева и Ненад Шапоња ќе разговараат Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски. Предвиден е и говор на добитникот на наградата „Прозарт“, Владимир Пиштало.

Организатор на фестивалот „Про-за Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.