Премиерот Христијан Мицкоски најави одложување на почетокот на „есенската потрошувачка кошничка“, затоа што сè уште се усогласувале ставовите со трговците и производителите. Тој не очекува утре владата да реши за тоа кои производи за широка потрошувачка ќе се намалат и дали тоа ќе биде по пат на замрзнување на цените или на маржите. Најави дека одлуката можеби ќе биде донесена наредната недела.
-Ние сме подготвени за разговор, ние не сакаме на сила ништо да направиме, туку да најдеме заедничко решение. Не е поентата сега ние како влада на сила да ги правиме работите. Знам дека во минатото на сила се правеа работите. Ние имаме намера да разговараме со сите засегнати страни и сите заедно да направиме нешто добро за државата. Јас не мислам Не сакаме трговците и производителите да бидат исфрустрирани поради таквиот однос на владата“, рече Мицкоски.
Одлуката за намалување на цените требаше да биде донесена на денешната владина седница, но тоа нема да се случи барем до следната седмица.
За Мицкоски конфузен е и Законот за нефер трговски практики, кој треба да започне со примена од 28 септември. Според премиерот, ова законско решение нема да го донесе предвиденото намалување на цените во маркетите до 20 отсто, бидејќи пропишаните релации помеѓу добавувачите и трговците се збунувачки.
Премиерот рече дека тој во суштина е за пазарна економија и цени кои се формираат на пазарот, но предупреди дека владата мора да реагира на одделни однесување на трговците кои се богатат на грбот на граѓаните.
– Онаму каде што пазарната економија функционира е добро и не реагирамe, но таму каде што некој непристојно се богати на грбот на граѓаните, каде што има монопол, дуопол или триопол, ние ќе реагираме – рече Мицкоски и додаде дека сака да престане праксата на богатење на трговците на грбот на граѓаните.
Во врска со реакциите на коморите за примената на Законот за нефер трговски практики, премиерот рече дека очекува од нив да кажат што, всушност, предлагаат.