Поранешната кошаркарка Ненси Либерман зад себе има интересна спортска кариера. Започнала да игра кошарка во основно училиште, најчесто во тимови со момчиња, што подоцна ја засилило и ја подготвило за возбудлива кариера. Во текот на 80-тите, таа професионално играше во машка лига. За каква кошаркарка станува збор доволно говори разговорот со комесарот на НБА лигата, Дејвид Стерн.

Либерман гостувала во американски подкаст во кој го опишала текот на нејзината кариера, но ја истакнала поканата која секако не ја очекувала. Дејвид Стерн, тогашен комесар на НБА лигата, сакал да ја запознае најдобрата кошаркарка.

  • Имав 26 години, тоа беше 1984 година и добив повик од Дејвид Стерн. Тој рече дека би сакал да дојдам во Њујорк и дека сака да се запознаеме, започна Либерман и продолжи: „Дојдов во НБА штабот, Дејвид ја затвори вратата, а јас го прашав зошто го прави тоа. Тој рече дека ако некој чуе за што зборуваме, ќе добиел отказ. Седев со него два часа и разговаравме како сака да почне женска НБА лига, истакна кошаркарката.
  • Колку тој човек веруваше во жените, односно во успехот на женскиот спорт. Тој рече дека единствена грижа му е дали ќе играм во таа лига. Реков дека ќе играм и да не се грижи, додаде Либерман.

Така и беше, поминаа нешто повеќе од десет години од разговорот со Стерн и почна лансирањето на женската лига, но Американката и на 39 години беше подготвена да потпише професионален договор. Таа го облече дресот на Феникс Меркјури.

Ненси Либерман е родена во Бруклин, каде го поминала детството, а потоа со родителите се преселила во Квинс. Таа има еврејски корени, иако подоцна го прифатила католицизмот. Сепак, тоа не ја спречи да стане дел од еврејската спортска куќа на славните во Сент Луис. Уште од мала покажала амбиции кон спортот, нејзината сестраност ја водела кон фудбалот, бејзболот и софтболот, но љубовта кон кошарката преовладувала. Нејзината мајка не го криела своето незадоволство од фасцинацијата на нејзината ќерка кон спортот. Во една прилика ја исцепила топката со која тренирала нејзината ќерка, но Либерман продолжила да ги следи своите соништа. Наградата брзо стигнала…

Во 1975 година беше вклучена меѓу 12-те најдобри кошаркарки во САД, а една година подоцна со репрезентацијата го освои златниот медал на Светското првенство. Професионалната кариера ја започна со Далас Дајмондс, а веќе во 1981 година му помогна на тимот да дојде до трофејот и си ја обезбеди титулата „дебитант на годината“, бидејќи имаше просек од 26,3 поени по меч.

Таа продолжила да постигнува неверојатни резултати, кои биле препознаени и во машкиот спорт, па така во 1986 година потпишала договор со „Springfield Fame“ во професионалната машка кошаркарска лига во САД. Веќе во следната сезона го смени својот тим, но остана во истата лига. Таа го промени дресот со оној на Лонг Ајленд Нетс, а потоа беше дел и од тимот на Вашингтон Генералс, кој често се натпреваруваше со Харлем Глобтротс, каде што го запозна нејзиниот иден сопруг Тим Клајн.

Покрај тоа што играше со посилниот пол, Либерман постигна уште еден извонреден подвиг – на 39 години потпиша договор со Феникс Меркјури и стана најстарата кошаркарка во женската НБА лига. А, на 24 јули 2008 година, на 50-годишна возраст, таа потпиша седумдневен договор со Детроит, соборувајќи го нејзиниот претходен рекорд како најстара кошаркарка. Либерман беше избрана во Куќата на славните на кошарката како играч во 1996 година, а во 1999 година во Куќата на славните на жените.