Швајцарскиот тенисер Роже Федерер веќе две години ужива во пензијата и реши по играчката кариера да патува колку што може, но и да ги „прошири“ своите бизниси. Еден од најдобро платените спортисти на сите времиња сега има финансиски проблеми, бидејќи турнирот Лејвер куп – кој тој го основаше со соработниците – не ги генерира парите на кои се надеваше.
Како што пишува шпанска „Марка“, тоа се гледа по неочекуваниот пресврт пред почетокот на турнирот, кој ги погоди и навивачите. Федерер го „продаде“ годинешниот Лејвер куп на Берлин, а потоа реши значително да ги зголеми цените на билетите. Шпанските медиуми заклучуваат на основа дека турнирот е сè понеисплатлив, па приложуваат податок дека лани загубил многу пари и затоа решил да заработи од навивачите.
Така, најевтините билети за годинешниот Лејвер куп чинат 300 евра, а се искачуваат до 4.420, секако за оние кои сакаат да имаат најлуксузни седишта на трибините. Но, тоа не е вообичаено ниту за грен-слем турнирите, каде што најскапите билети се околу 1.500 евра. И тоа не е егзибициски турнир, туку еден од четирите најголеми тениски настани.
Наводно, ланскиот Лејвер куп бил во загуба од 1,8 милиони евра, а се предвидува дека и во Берлин ќе биде во минус за 1,5 милиони евра. На крајот, многумина обвинуваат дека и поскапувањето на билети предизвикува губењето на интересот кај публиката.
Секако, најмногу пари заработи во 2022 година, кога Роже Федерер реши да се збогува од тенисот на овој турнир. Потоа на гости ги покани сите свои најголеми ривали, па публиката уживаше во тенисот на Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј, а присуството на ваквите тениски ѕвезди донесе заработка од пет милиони евра. Оттогаш гледаноста и профитот се намалуваат.
Годинава нема да учествуваат ниту Надал, ниту Ѓоковиќ, па се очекува и послаб „ехо“. Ѓоковиќ (ако воопшто беше повикан) реши да одмори и да игра за Србија, додека Надал во последен момент реши да се повлече од турнирот.
Потценување е да се каже дека ги изнервира навивачите кои купуваа билети само за него, за да се повлече без доволно добра причина. Не беше повреден, не беше навреден, само се откажа за да може да игра „некој друг“. Тоа ќе биде Григор Димитров, кој едноставно нема ни приближно толку фанови и се чини дека Надал навистина беше само мамка за навивачите.
Надал објасни дека воопшто не е повреден и дека само сакал да му го отстапи местото на Лејвер купот на друг тенисер, што беше голем шок за сите. Веќе е одлучено наместо Надал да игра Григор Димитров, па во неговиот тим ќе бидат уште Каспер Руд, Стефанос Циципас, Карлос Алкараз, Александар Зверев и Даниил Медведев. Од друга страна, „Светскиот тим“ ќе го предводи Џон Мекинро и ќе ги има на располагање Алехандро Табил, Алекс де Минор, Тејлор Фриц, Бен Шелтон, Томи Пол и Френсис Тиафо, а јасно е дека Европејците – чии „селектор“ е Бјорн Борг – се големи фаворити.
Лејвер купот оваа година ќе се игра во Берлин од 20 до 22 септември, а ова ќе биде седмо издание на турнирот што Роже Федерер го основа со своите деловни партнери.