Астронаутите заглавени во вселената до 2025 „не се чувствуваат изневерени“, велат дека обучени се „да го очекуваат неочекуваното“

156

Двајцата астронаути на НАСА, Буч Вилмор и Суни Вилијамс, кои ќе останат во вселената до 2025 година, рекоа дека е тешко да се види нивното нефункционално летало како ја напушта Меѓународната вселенска станица без нив, но тие се обучени да „го очекуваат неочекуваното“.

Инаку, тие во јуни заминаа на осумдневна мисија за тестирање на капсулата Боинг Старлајнер. Инженерите забележале проблеми со погонувачите и истекување на хелиум, а НАСА одлучила Вилијамс (58) и Вилмор (61) да останат на Меѓународната вселенска станица до февруари следната година. Осумдневен тест се претвори во осуммесечна мисија.

„Ова е моето среќно место“, рече Вилијамс за време на конференцијата, но призна дека ѝ недостигаат семејството и двете кучиња.

„Не се чувствуваме изневерени“

Тие рекоа дека не им е „удобно“ со проблемите на „Старлајнер“, но им било тешко да го гледаат како ја напушта станицата и се враќа на земјата без нив. Но, Вилмор рече дека 90 отсто од нивниот тренинг е „подготовка за неочекуваното“.

Тие им се заблагодарија на луѓето на Земјата што им испратија пораки и молитви. „Загриженоста за нас е многу трогателна“, рече Вилмор.

На прашањето дали се чувствуваат разочарани од НАСА, Вилмор одговори „апсолутно не“.

Тие на прес-конференцијата зборуваа за нивните рутини.

Вилмор станува во 4:30, а Вилијамс два часа подоцна. Рекоа дека уживаат во секојдневното вежбање кое е од суштинско значење за борба против губењето на коскената густина поради животот во вселената.

„Зглобовите не болат, што е прилично убаво“, додаде Вилмор. Најавија и дека ќе гласаат на претстојните претседателски избори.