Со оглед на тоа што метеоролозите најавуваат дека во ноември, односно за два месеци, вистинска зима би можела да го погоди истокот на Украина, руската и украинската страна се обидуваат да обезбедат дотогаш предност на фронтот, но и да набават важно оружје и да направат одлуки кои можат да влијаат за време на војната.
Значи, што сакаат Русите пред зимата, а што Украинците? Прво, што би сакале Русите? Очигледно не се откажуваат од освојувањето на Покровск, Вухледар и Часив Јар, важни стратешки градови на Донбас (со нивно освојување практично би обезбедиле окупација на целата област, која Русија, да потсетиме, ја прогласи за своја територија во септември).
Затоа, пишува „Вол стрит журнал“, Русите го зголемуваат притисокот врз истегнатата украинска линија на фронтот на исток, обидувајќи се да ги заземат Покровск и Часив Јар, што може да им даде предност во Донбас, нивната главна воена цел. Преземањето на тие два града ќе ја стави Русија во позиција да смета на освојување на остатокот од источен Донбас. Имено, Покровск се наоѓа на патот и железницата, кои се главната рута на снабдување и логистика на украинските сили во Доњецката област.