Тие не знаат да користат Гугл мап, а светот ни стана поблизок со Гугл мап, при тоа не ни се потребни туристички водичи. Јас воедно сум и наставник по географија во ОО „Кирил Пејчиновиќ“ и веќе три години не правам писмена на лист, туку електронски, бидејќи сметам дека фрлањето хартија предизвикува проблем и е издаток. Учениците смеат да ги користат телефоните кога работиме со нив, односно во врска со материјата и наставата, вели Сашо Јованоски, советник за образование во Општина Кисела Вода
На почетокот на новата учебна година учениците мора полека да се вратат на училишните обрските, но и да се привикнат на препораките во училиштата од кои во текот на летото беа ослободени. За жал, повторно ќе мора да се одвикнат од употребата на своите телефони за време на часовите, препорака која некои од училиштата ја внесоа во своите Кодекси на однесување. Некаде е построго, некаде не, но како што велат од училиштата, тоа функционира иако не е предвидено како законска рамка.
Во училниците во најголем број од училиштата на територијата на општина Кисела Вода има остави кои служат за одложување на мобилните телефони.
– Кога учениците влегуваат на час имаат обврска да ги остават телефоните во оставите. Мобилните телефони смеат да ги користат на големите одмори, но и за наставни цели. Мојот личен став е дека децата треба да ги научиме правилно да ја користат технологијата, а тоа се апликации, а не да им се одземаат телефоните за време на наставата.Тие не знаат да користат Гугл мап, а светот ни стана поблизок со Гугл мап, при тоа не ни се потребни туристички водичи. Јас воедно сум и наставник по географија во ОО „Кирил Пејчиновиќ“ и веќе три години не правам писмена на лист, туку електронски, бидејќи сметам дека фрлањето хартија предизвикува проблем и е издаток. Учениците смеат да ги користат телефоните кога работиме со нив, односно во врска со материјата и наставата – истакна Сашо Јованоски, советник за образование во Општина Кисела Вода.
Тој додава дека учениците реално го почитуваат тоа што е договорено, така што немало некој проблем во почитувањето на препораката околу (не)користењето на мобилните телефони на часовите. Директорката на ООУ Војдан Чернодрински“, Верица Неткова–Пројчева, кое се наоѓа на територијата на Општина Карпош вели дека кај нив децата воопшто не ги носат мобилните телефони на часовите.
– Тоа е строго забрането. Учениците ги оставаат мобилните телефони во џебни футроли поставени на ѕидовите на училниците. Во оние училници каде што нема, се оставаат на катедрата кај наставникот или во кутија – објасни Неткова–Пројчева.
Таа потенцираше дека доколку се случи ученик да употреби мобилен телефон за време на часот, телефонот му се одзема и се носи кај секретарот, психологот или педагогот.
– Потоа, мора да дојде родителот на ученикот за да потпише изјава, за да му биде вратен телефонот на ученикот. Тоа е така, за да не се снима и фотографира. Инаку, имаме смарт табли кои имаат интернет, така што учениците немаат потреба од телефони на часовите – децидна е Неткова–Пројчева.
Вели дека за потребата од почитување на оваа препорака, запознаени се и родителите, преку Советот на родители, за и тие да влијаат врз нивните деца.
Неткова–Пројчева вели дека многу ретко се случува децата да го земаат телефонот на час, бидејќи оставањето на телефоните на одредено место е политика на училиштето веќе долго време.
Во ООУ „11 Октомври“ кое се наоѓа на територијата на општина Центар, исто така не се препорачуваат мобилни телефони додека трае часот.
– Препорака е мобилните телефони за време на наставата да бидат исклучени и во ранец, а можат да се остават во џебовите кои се направени за таа намена, а ги има во училниците – објаснува директорката на училиптето, Даница Блажеска.
Таа вели дека е неблагодарно на почетокот на учебната година да се прашува дали учениците се придржуваат на оваа препорака.
– Сеуште децата се враќаат во колосек по летниот одмор. На Совет на родители, родителите беа известени дека треба да обрнат внимание на тоа и да влијаат врз децата да се почитува препораката – информираше Блажеска.
Од средното училиште „Раде Јовчевски Корчагин“ велат дека кај нив не им се одземаат мобилни телефони на оние учениците кои ги користат на час.
– Да, забрането им е да ги употребуваат мобилните телефони на часовите ако се прави тест или доколку има испрашување, но не му се одзема телефонот на ученикот – тврдат од ова средно училиште.
И во средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“ во училниците има место каде учениците ги оставаат своите мобилни телефони за време на часовите.
– Да бидам искрен ова не се практикува 100 проценти, но 80 проценти да. Доколку се види некој ученик со мобилен телефон на час, професорот ќе го натера да го остави кај него на катедрата, а на крајот на часот повторно му го враќа – истакна директорот на средното хемиско училиште, Дарко Спасев.
Од Министерството за образование велат дека наставниците се тие кои ја реализираат наставата и точно знаат кога и во која мера може да се применат одредени информатичко–комуникациски уреди заради полесно совладување на наставната материја или остварување на некоја од целите во програмата.
– Секако, МОН е во постојана комуникација со училиштата и доколку се изрази потреба од одредени иницијативи и активности во овој дел, заедно ќе ги дефинираме и спроведеме – децидни се од министерството.
Грција забрани користење мобилни телефони за време на настава во училиштата
Над 1,3 милиони ученици во Грција исто така се соочуваат со забрана за користење на мобилните телефони за време на наставата, додека за прекршување на мерката, но и за снимање или сликање предвидени се казни. Од Министерството за образование, религија и спорт информираа дека Грција им се приклучува на европските земји кои се стремат кон забрана за користење на мобилни телефони во училиштата, објаснувајќи дека Португалија и Шпанија целосно ја применуваат, во Франција и Финска се применува со одредени промена, додека Кипар и Шведска се блиску до нејзино усвојување.
За непочитување на забраната, предвидено е ученикот да биде избркан од сите часови во текот на денот, во случај да ги снима или фотографира наставниците или соученици, без нивна согласност, казната е тридневна суспензија, додека ако е со согласност ќе биде суспендиран од еден до три дена.
(A.П.)