Дали се спроведува одлуката за јавен превоз за сите средношколци?

47

Уставниот суд го задолжил генералниот секретар да се обрати до Министерството за образование и наука, Град Скопје и до ЈСП со цел да ги обезбеди неопходните податоци и информации за тоа дали се извршува одлуката и средношколците од приватните училишта да имаат право на бесплатен превоз, а не само оние од државните средни училишта.

Уставниот суд информира дека досега нема добиено претставка дека не се спроведува одлуката.

– Барањето информации за спроведување на конкретната одлука се поведе по службена должност и по информациите во јавноста дека не се извршува одлуката на Уставниот суд, која е донесена на 5 декември 2023 година – информираат од Уставниот суд.

Оттаму појаснуваат дека во согласност со членот 86 од новиот акт, кој се применува од септември оваа година, Уставниот суд по службена должност го следи извршувањето на своите одлуки и може да побара од секого податоци и информации во врска со преземените мерки со цел извршување на одлуката.

– Обврската за извршување на одлуките на Уставниот суд почнува да тече од денот на нивното објавување во „Службен весник“ и одлуките на Уставниот суд се извршуваат без одлагање, на што упатува член 85 од актот – се наведува во соопштението од Уставниот суд.

Притоа, додаваат дека, дополнително, во согласност со членот 90 од актот, Уставниот суд има можност, по потреба, да побара од јавните органи да го обезбедат извршувањето на одлуката.

Уставниот суд потсетува дека членот 91 овозможува врз основа нa претходно добиени податоци и известувања да донесе посебно решение, со кое ќе утврди дека не е извршена неговата одлука и ќе го извести надлежното јавно обвинителство, како и органот што го именувал или избрал раководителот на органот или телото кое не ја извршило одлуката на Судот.