Најтрофејниот тенисер на денешницата, Србинот Новак Ѓоковиќ, го најави дуелот меѓу Србија и Грција во Дејвис купот, кој ќе се игра викендов, во Белград.
- Сите ме прашуваат на конференциите: „Добро, што те мотивира и понатаму?“ Ме мотивираат грен-слемовите и играњето за репрезентацијата на Србија, затоа ми значи олимпиското злато освоено во Париз. Мило ми е што сè уште сум му на располагање на тренерот Виктор Троицки, кого го познавам уште од детството. Покрај тој златен медал и првиот Вимблдон, би го издвоил и Дејвис купот освоен во 2010 година. Затоа што, кога играш за својата земја, имаш соиграчи на клупата, тренери, поддршка од трибините. Форматот на Дејвис купот сега е таков што сè е променето и немаме многу можности да играме дома. Последен пат играв пред моите навивачи во „Пионир“, пред седум години и не знам дали некогаш ќе играм тука до крајот на мојата кариера. Затоа ги повикувам сите да дојдат да нè поддржат – изјави Ѓоковиќ.
Со оваа порака, Ѓоковиќ како да им навести на обожавателите дека наскоро би можел да оди во пензија и дека ова ќе им биде последна шанса да го гледаат на терен во Србија.
Навистина е можно да не игра повеќе за Србија на домашен терен, бидејќи има 37 години. Покрај него, Србија против Грција ќе ја претставуваат и Миомир Кечмановиќ, Душан Лајовиќ и Хамад Меѓедовиќ.