По објавите за избегнат инцидент со судир на два авиона на небото над Меѓународниот аеродром во Скопје на 7 септември во 18.32 часот, давателот на навигациски услуги М-НАВ отвори истрага за утврдување на фактичката состојба и причините.

Своја независна истрага ќе отвори и Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти – КИНСИВ од каде потврдуваат дека в понеделник ќе влезат во М-НАВ.

Од „Македонска навигација“ денеска сопштија дека во пропишаниот рок поднеле пријава за безбедносниот настан до Агенцијата за цивилно воздухопловство и потенцираат дека таквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија.

– На 7 септември во 18.30 часот поднесена е пријава за безбедносен настан во пропишаниот рок од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор. Согласно правилата и пропишаните процедури, пријавата е регистрирана од страна на одделението IMS (Integrated Management Systems) и доставена до Агенцијата за цивилно воздухопловство. Исто така, согласно важечките процедури, од страна на одделението IMS отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините за настанот. Би сакале да укажеме дека ваквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија, служби и институции, согласно постоечките правни процедури – соопшти М-НАВ.

И КИНСИВ ќе отвори сериозна истрага во врска со инцидентот со двата цивилни авиона на македонското небо. Претседателот на овој комитет, Зоран Илиевски за весникот ВЕЧЕР изјави дека веднаш се вклучиле, бидејќи станува збор за сериозен инцидент.

– Во понеделник влегуваме во М-НАВ и ќе ги обавиме потребните разговори, ќе ги преслушаме снимките од разговорите на контролорите со пилотите на авионите, а и ќе ги погледнеме и снимките. Ние не утврдуваме вина, туку причина која довела до ваков инцидент. Исто така, ќе побараме изјави од пилотите на двата авиона преку нивните воздухопловни власти, па ќе ја информираме јавноста, се друго во моментот ќе биде шпекулација – изјави Илиевски.

Медиумите повикувајќи се на сајтот за следење летови Флајтрадар24, објавија дека авиони на „Туркиш ерлајнс“ и на „Санекспрес“ за малку ќе се судреле на небото над Скопскиот аеродром на 7 септември во 18.32 часот.

– Станува збор за авионот на „Туркиш ерлајнс“ на летот ТК1358 од Мадрид за Истанбул и авионот на „Санекспрес“ од турскиот крајбрежен аеродром Даламан за Лондон – Гетвик. Според Флајтрадар24, 30 секунди пред да се разминат двата авиона биле на иста висина од 36.000 стапки. Непосредно пред да се разминат, едниот се кренал на 36.325 стапки, а другиот се спуштил на 35.475 стапки. Според правилата на авиосообраќајот, меѓу авионите треба да има 2.000 стапки вертикална оддалеченост – наведоа медиумите.

Нејасно е зошто двата авиона се нашле на иста висина во исто време, односно дали станува збор за инструкции од контролата за летање или е грешка на пилотите.

(С.Бл.)