За заштита на животната средина, лани биле потрошени 8,87 милијарди денари (144 милиони евра), покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во вкупните трошоци за заштита на животната средина според еколошката намена, најголемо е учеството на трошоците за управување со отпадните води (35,01 %), потоа на трошоците за постапување со отпадот (28,31 %) и на трошоците за циркулациски системи за снабдување со вода (20,93 %).

Трошоците за заштита на животната средина се состојат од две компоненти: инвестиции во средства за заштита на животната средина и трошоци за одржување на средствата за заштита на животната средина. Учеството на инвестициите во вкупните трошоци за заштита на животната средина изнесува 62,23 %, а учеството на трошоците за одржување во вкупните трошоци за заштита на животната средина – 37,77 %.

Од вкупните трошоци за заштита на животната средина, најмногу се направени во индустријата и специјализираните производители, што е околу 4,4 милијарди денари, односно 49,37 %.

Од направените трошоци за заштита на животната средина во индустријата и специјализираните производители, 32,82 % се наменети за инвестиции, а 67,18 % за одржување на средствата.

Од вкупните плаќања и надоместоци за извршени услуги за заштита на животната средина, најголемо е учеството на платените надоместоци за постапување со отпад, 88,47 %.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање вчера информираа дека е подготвен нацртот на националната стратегија за управување со отпад НСУО (2024-2036) и дека се спроведува постапка за неа, за стратешка оцена на животната средина.

НСУО 2024-2036 ја претставува националната политика за управување со отпадот во Северна Македонија и претставува почетна точка за подготовка и имплементација на интегриран и економичен систем за управување со отпадот, усогласен со националното и со ЕУ-законодавство и барањата за отпадот. НСУО ги поставува насоките за правилно управување со цврстиот отпад (УЦО) за следните 12 години, заснован на принципите на одржливост и служи како основа за управување со сите текови на отпадот.

Општата цел на НСУО 2024 – 2036 е да развие одржлив, интегриран систем за управување со отпадот, со цел зачувување на ресурсите, заштита на здравјето на населението, превенција и намалување на негативните влијанија врз животната средина, намалување на емисиите на стакленички гасови и на деградацијата на земјиштето.

Нацрт-стратегијата и извештајот за стратешка оцена се достапни на интернет- страницата на МЖСПП, во делот на соопштенијата (њњњ.моепп.гов.мк), како дел од јавниот увид (19.9.2024 – 19.10.2024). Со цел пошироко вклучување на заинтересираната и засегната јавност, беа организирани 6 јавни расправи во земјата (Тетово, Штип, Струмица, Охрид, Битола и Скопје).

Сите заинтересирани можат да ги достават своите забелешки и коментари до МЖСПП, согласно со инструкциите дадени на посочената интернет-страница.

(С.Бл.)