Компанијата нуди бесмртност за 220.000 долари: На листата на чекање веќе има 650 луѓе

„Tomorrow Bio“ нуди можност за продолжување на животот со надеж дека зачуваните тела можат да се оживеат кога науката ќе го овозможи тоа.

132
screenshot youtube Tomorrow Bio

Научно-фантастичните идеи кои до неодамна ги гледавме во филмовите стануваат се повеќе реалност. Замислете ја можноста да бидете замрзнати по смртта со надеж дека еден ден ќе оживеете благодарение на идната технологија.

Оваа идеја стана реалност благодарение на германската стартап компанија „Tomorrow Bio“. Оваа компанија, пионер во областа на криопрезервацијата, нуди услуга на замрзнување тела во течен азот со надеж дека идните технологии ќе можат да ги оживеат.

Иако цената на услугата е 220.000 долари, интерес веќе пројавиле над 650 луѓе.

Компанијата, основана во 2020 година, досега замрзна шест луѓе и пет домашни миленици, а планира да се прошири на американскиот пазар до 2025 година.

Процесот на криопрезервација започнува веднаш по смртта. Специјализиран тим го лади телото до -80 степени и ги заменува телесните течности со криопротективни средства. После тоа, телото се чува во швајцарска установа на температура од -196°C.

„Tomorrow Bio“ нуди можност за продолжување на животот со надеж дека зачуваните тела можат да се оживеат кога науката ќе го овозможи тоа. Компанијата сонува за свет во кој луѓето ќе можат да изберат колку долго сакаат да живеат, без оглед на сите други околности.

Фернандо Азеведо Пинеиро, еден од основачите, верува дека може да бидеме сведоци на напредок во криопрезервацијата и реанимацијата на сложените организми во нашиот живот.

Сепак, криопрезервацијата не е без етички и филозофски дебати. Критичарите поставуваат прашања за моралните импликации на биостазата, несигурноста на оживувањето и можните социјални влијанија на таквите технологии.