Луси Назарио да Лима Роналдо некогаш беше најдобриот фудбалер во светот и којзнае каде ќе завршеше доколку не беа тешките повреди на колената. Својот врв го достигна во 2002 година, по што започна неговиот пад.
Кога Роналдо почна да попушта, уште еден негов сонародник се искачи на врвот на светот и владееше во следните години. Станува збор за Роналдињо Гаучо.
Поради постојаната насмевка на лицето, неверојатната техника и уникатниот талент, Роналдињо стана пример за многу деца и човек кој дефинитивно одбележа една ера.
Позната е анегдота кога новинарот ги „фати“ Роналдо и Роналдињо и им постави прашање кој е подобар од нив двајца. Напаѓачот како од топ изјави дека тоа е офанзивниот играч за врска.
„Роналдињо беше подобар од мене. Ги побудалуваше противниците и ги натера поради него да се заљубат во фудбалската игра“, изјави Роналдо.
Потоа следеше одговорот на Роналдињо, а поранешниот фудбалер на Барселона покажа неверојатна почит кон својот поранешен репрезентативен колега.
„Не, Роналдо беше подобар од мене. Играше со едно колено и никој не можеше да го спречи“, беше одговорот на легендарната „десетка“.
Роналдо и Роналдињо го воодушевија фудбалскиот свет во 2002 година кога заедно со Ривалдо му ја донесоа на Бразил последната титула светски шампион.
И двајцата во играчките денови успеаја да ја освојат „Златната топка“, а за нивните магии на теренот се уште се зборува, без разлика што одамна се пензионираа.
Како и сите Бразилци, тие сакаа брз и лабав живот полн со луди забави, често знаеја да бидат непослушни за клупските шефови и којзнае до каде ќе ги поместеа границите доколку беа попрофесионалци.